Собраниско раководство

Среда, 31 август 2016 година, Варшава

Коментар на претседателот Вељаноски на тема „Придонесот на Националните парламенти во мултилатералната соработка во Централна и Источна Европа“

„Фактот дека денес сме овде и расправаме на повеќе теми зборува за улогата, значењето и одговорноста на националните парламенти во развојот на билатералните односи, но се повеќе и во мултилатералните односи, како на ниво на регионалната соработка, така и на ниво на Европската унија и пошироко. Денес сите значајни меѓународни организации и асоцијации во својата структура вклучуваат и парламентарни собранија како значаен институционален сегмент во нивното работење.

Република Македонија е членка на повеќе регионални асоцијации и без лажна скромност мора да истакнам дека во рамките на нашите можности даваме максимален придонес во остврувањето на целите, задачите и генералната политика на овие регионални асоцијации. На тој начин, преку една позитивна синергија, преку конструктивен дијалог и преку почитување на аргументите на другиот ќе се изнајдат најдобрите решенија кои ќе бидат од бенефит за секоја држава посебно и за регионот како целина.

Како пример, на иницијатива на Унгарскиот парламент како претседатели на парламентите на државите од регионот Западен Балкан, редовно се среќаваме во Будимпешта, каде што се расправа за многу значајни прашања поврзани со регионот, но и неговата евроатланска перспектива.

Понатаму, дозволете да потсетам дека неодамна одбележавме дваесет години од постоење на Парламентарното Собрание на Југоисточна Европа. Регионална асоцијација формирана во 1996 година која преку своето работење одговори на многу предизвици со кои се соочуваме, како за регион и така и за секоја држава членка. Она што според мене е можеби најголемото достигнување е фактот дека полека но сигурно се  враќа довербата меѓу државите членки во регинот. Кај нас има една народна мудрост која вели "ако мечката влезе во комшискиот двор оди и помогни му, бидејќи утре ќе влезе и во твојот двор". Денес кога живееме во свет каде што процесите на глобализација се одвиваат многу брзо не верувам дека секоја држава може сама да одговори на овие процеси. Затоа потребна е таа соработка на билатерално ниво, но уште поважно на мултилатерално ниво. На тој начин, многу побрзо ќе се имплементираат позитивните трендови кои ги носи глобализацијата. Но, исто толку важно е преку таа мултилатерална, односно регионална соработка да се одговори на оние негативни појави што ги следат процесите на глобализацијата. Да потсетам на проблемот со бегалската криза. Вие знаете дека Македонија беше транзитно подрачје за овие луѓе кои маката и војните ги присилиле да ги напуштат своите домови.

За жал на почетокот на кризата соработката на билатерално и мултилатерално ниво не беше соодветна, а не смее да се игнорира фактот дека ние како мала држава имаме многу ограничени ресурси. Само како илустрација на проблемот ќе спомнам дека Македонија има 2 милиони жители, а низ нашата држава транзитираа скоро еден милион бегалци. Подоцна таа мултилатерална соработка почна да функционира и беше корисна за целиот регион, односно за сите држави од таа бегалска рута, но и за самите мигранти.

И во оваа прилика сакам посебно да апелирам до сите учесници во рамките на своите надлежности и овластувања секогаш во рамките на своите национални парламенти и другите национални институции да ја поттикнуваат мултилатералната соработка преку најразлични форми. Мислам дека во изминатиот период собравме и доволно искуство и знаење како сите заедно да градиме подобра иднина, како дома во нашите држави, така и на ниво на региони, а со тоа и на ниво на здружена Европа.“

Click