Собраниско раководство

Понеделник, 19 јуни 2017 година, Рига

Обраќање на претседателот Џафери на Парламентарниот безбедносен форум

Почитувани колеги од латвискиот парламент,
Почитуван конгресмен Питинџер,
Дами и господа,

Ми претставува особено задоволство да учествувам на овој реномиран и високореспектиран Парламентарен безбедносен форум, кој во континуитет се одржува речиси една деценија, на заедничка иницијатива и синергија на Американскиот конгрес и националните парламенти на повеќе од 30 држави.

Темите за дебата што се пред нас, ја отсликуваат не само акутелната светска безбедносна состојба, туку и ги засегаат засилените процеси на глобализација и технолошки развој кои по Студената војна драматично го имаат сменето целокупниот концепт на безбедност. И покрај сите научени лекции и стекнатото искуство, безбедноста во 21. век станува сѐ посложена. Кон тоа значително придонесе распаѓањето на комунистичкиот блок, со што на меѓународната сцена се отворија врати за нови односи. 

Безбедносните предизвици во светот денес потекнуваат од различни извори. Тие се обично последица на социјални, верски, економски, научни и технолошки разлики. Од овој широк спектар на предизвици, особено сме загрижени од меѓународниот тероризам, распространувањето на оружјето за масовно уништување, религиозните и верските спорови, организираниот криминал и сајбер-криминалот. Бидејќи овие закани се транснационални, ниедна земја не може сама успешно да се справи со нив. Иако секоја земја има потреба од безбедносна доктрина и оперативна стратегија за заштитување на основните интереси и вредности и на безбедноста на информациите, истовремено е потребен глобално координиран одговор, што претставува дополнителен голем предизвик во финансиска и во оперативна смисла. 

Денес, бидејќи голем дел од секојдневните операции се потпираат на информатичките технологии, безбедносните прашања стануваат исклучително значајни. Сајбер-просторот суштински ја има преобразено глобалната економија и нашиот начин на живот, овозможувајќи непосреден пристап до информации ширум светот, комуникација и нови економски можности, но истовремено отвори и нов терен за војување, што може да ги загрози националната безбедност, економијата и граѓаните. Главните цели на сајбер-безбедноста се во широк дијапазон: спречување крадење на туѓ идентитет, спречување на индустриска шпионажа-злоупотреба на чувствителни деловни информации, спречување на протекување на најдоверливи информации сврзани со  државната безбедност. Колективните последици од овие видови напади создаваат чувство на ранливост, но и ја подигнуваат националната свест за потребата од зајакнато едуцирање во доменот на информатичката безбедност.

Почитувани колеги,

Како парламентарци имаме заедничка одговорност да ја зајакнеме законодавната рамка во поглед на сајбер-безбедноста и да воспоставиме институционални механизми што ќе овозможат ефективен одговор и координирано дејство на национално, регионално и меѓународно ниво. За да го заштитиме сајбер-просторот мора да се осигура висок приоритет на координацијата на националните стратегии за безбедност, соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, како и вклученоста на граѓаните и сите засегнати страни. 

Практиката покажува дека справувањето со прашањето на сајбер-безбедноста, чувањето на виртуелните информации од стратешки карактер, како и заштитата од шпионажа и онлајн криминал, се мошне сложени задачи, кои носат одредени предизвици. За да ги одбраниме демократските вредности и да ги заштитиме основните човекови права и слободи, како и приватноста, се наметнува потребата да изградиме поцврсти партнерства преку меѓународно споделување информации меѓу државите околу постојните закани во сајбер-просторот. 

Република Македонија е во процес на подготвување на национална стратегија за сајбер-одбрана во која се вклучени сите релевантни владини и академски институции. Во текот на овој процес, расправаме за најдобрите практики и иновативните пристапи за развој на сајбер-безбедност, како и прибирање на искуствата од земјите што веќе осмислиле такви стратегии, за да одговориме на сите предизвици од областа на сајбер-безбедноста како во нашата држава, така и во регионалното и меѓународното окружување.

На крајот, дозволете ми да ја реафирмирам заложбата и подготвеноста на Република Македонија како земја аспирант за членство во НАТО за развивање на сите неопходни капацитети за справување со овие предизвици во локален и регионален контекст. Верувам дека само со постојано надградување на своите капацитети, Република Македонија ќе успее да го одржи неопходното ниво на усогласеност со стандардите што се бараат и за земјите членки на НАТО и за партнерските држави. 

Благодарам на вниманието.

Click