Megjunarodna sorabotka
 
Меѓународна соработка

ИНСТИТУЦИИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската унија претставува структура која не спаѓа во ниту една друга традиционална правна категорија. Од историска перспектива нејзиниот политички систем е единствен, истиот постојано се развива во период повеќе од 50 години. Земјите членки ја пренесуваат моќта на одлучување на заеднички креирани институции, донесените одлуки за чувствителни теми се резултат на заеднички интерес што ја зголемува демократијата на европско ниво. Регулативата и политиките се донесуваат од страна на "институционалниот триаголник" составен од: Европскиот парламент (ги претставува граѓаните), Советот (ги претставува националните влади)  и Европската Комисија (тело кое е независно од владите на ЕУ и ги поддржува колективните европски интереси). 

СОВЕТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Советот на Европската унија (The Council of the European Union): усвојува законодавни акти (регулативи, директиви и др.) во постапка на коодлучување со Европскиот парламент; помага во координирање на политиките на земјите-членки; ја развива Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ врз основа на стратешките насоки утврдени од Европскиот совет; склучува меѓународни спогодби во име на Унијата; заедно со Европскиот парламент го усвојува буџетот на ЕУ.

Седиштето на Советот е во Брисел каде се одржуваат средби неколку пати во месецот. Состаноците на Советот се одржуваат во Луксембург, во месеците април, јуни и октомври.

Советот е единствено тело кое се среќава во различни состави на кои присуствуваат министри од земјите-членки на ЕУ и европски комесари одговорни за одделни области. Во 1990-тите имаше 22 различни состави во рамките на Советот. Во јуни 2000 година бројот беше намален на 16 совети, а во јуни 2002 на 9 различни совети. По влегувањето во сила на Договорот од Лисабон, од 1 декември 2009 година постојат десет состави на Советот на ЕУ. Со состаноците на различните состави на Советот претседава релевантниот министер на земјата членка која го превзема ротирачкото претседателство со ЕУ.

Единствено Согласно Договорот од Лисабон, Советот за надворешни работи во чија работа учествуваат министрите за надворешни работи на земјите членки, има постојан претседател - Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Одлуките на Советот на ЕУ се донесуваат со квалификувано мнозинство, како општо правило. Квалификувано мнозинство се постигнува кога има мнозинство од земјите членки на ЕУ (понекогаш и 2/3) кои гласаат за предлогот или најмалку 255 гласа од вкупниот број, односно 345 гласови. Од 2014 година ќе биде воведен систем на "двојно мнозинство". За да биде прифатен одреден предлог ќе треба да се обезбедат два вида на мнозинство: мнозинство на земји (најмалку 15) и мнозинство на гласови од вкупното население на ЕУ (државите мора да претставуваат најмалку 65% од населението на ЕУ).

Целокупната работа на Советот се подготвуваа и координира од Комитетот на постојаните претставници КОРЕПЕР, составен од постојаните претставници на земјите-членки во Брисел и нивни помошници.


Претседателство со Советот на Европската унија

Сите земји членки на ЕУ се менуваат во претседавањето со Советот на ЕУ во период од шест месеци во кој претседателството одржува состаноци на ниво, предлага насоки и составува потребни компромиси кога треба Советот да донесе одлука. Заради одржување на континуитет на работата на Советот, шестмесечните претседателства заеднички и темелно соработуваат во групи од три тимови кои изготвуваат заедничка програма за работата на Советот за период од 18 месеци.

ЕВРОПСКИ СОВЕТ

Европскиот совет ги одредува генералните политички насоки и приоритети на Европската унија. Со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, Европскиот совет стана една од седумте официјални институции на Унијата. Европскиот совет се состанува два пати во шест месеци, вообичаено во Брисел.

Актуелен претседател на Советот е Херман Ван Ромпуј. Мандатот на претседателот е две и пол години, со право на еден реизбор.

Согласно членот 15 од Договорот за Европската унија (прв дел од Лисабонскиот договор) Европскиот совет го обезбедува потребниот стимул за развој на Унијата и определува генерални политички насоки и приоритети. Советот нема законодавна функција.

Составен е од шефови на држави и претседатели на влади на земјите членки на ЕУ, а во неговата работа учествуваат и претседателиот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија, како и Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика.

Освен ако со договорите на ЕУ не  е предвидено поинаку, Европскиот совет одлуките ги донесува со консензус. Советот, во одредени случаи дел од одлуките ги донесува едногласно или со квалификувано мнозинство. Европскиот совет го избира својот претседател со квалификувано мнозинство.

Европскиот совет е формиран во 1974 година со цел да се воспостави неформален форум за дискусија меѓу шефовите на држави и претседатели на влади. Во 1992 година Советот стекна формален статус, со Договорот од Мастрихт беше дефинирана неговата функција - движечка сила на Унијата и определување на генерални политички насоки за нејзиниот развој.

ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТ

Европскиот парламент (European Parliament) е единствено директно избрано тело во Европската унија, една од главните институции на ЕУ за усвојување на законодавството, заедно со Советот. Работата на Европскиот парламент е важна бидејќи во многу области, одлуките за новите европски закони се донесуваат заеднички од Парламентот и Советот на министри кои ги претставуваат земјите-членки на Унијата.

Европскиот парламент има три важни улоги:

  • да води расправа и да ги усвојува европските закони,
  • да врши надзор над другите европски институции со цел да обезбеди дека работат демократски,
  • да расправа и да го усвојува буџетот на ЕУ, заедно со Советот.

Парламентот има активна улога во изготвувањето на законодавството, на пример во областа на заштитата на животната средина, слободното движење на работници, капитал, услуги и стоки, правата на потрошувачите, еднаквите можности, транспорт и др. Во повеќе области, како што е заштита на потрошувачи и животната средина Парламентот работи заедно со Советот, одлучува за содржината на европските закони и ги усвојува истите. Оваа постапка е позната како соодлучување.

Со Лисабонскиот договор, зголемен е опсегот на политиките во рамките на процесот на соодлучување, со што на Парламентот е дадена поголема моќ да влијае врз содржината на законодавството во различни области вклучително и енергетската политика, земјоделството, имиграцијата и фондовите на ЕУ. Парламентот, исто така мора да даде дозвола и за други важни одлуки како што е одобрување за пристапување во ЕУ на новите земји.

Парламетот има влијание врз другите европски институции на неколку начини: кога е именувана нова Европска комисија, 27 членови не може да ја превземат должноста без претходно одобрување од страна на Парламентот. Ако членовите на Европскиот парламент не одобрат предложен кандидат, може предлогот да се отфрли во целост. 

Парламентот врши контрола на Комисијата преку разгледување на нејзини извештаи како и со поставување на прашања до европските комесари. Во овој дел парламентарните комисии играат многу важна улога. Членовите на Парламентот  разгледуваат претставки од граѓани преку анкетни комисии. Европскиот парламент мора да даде мислење за темите од дневниот ред на самитите на Европскиот совет на кој се состануваат лидерите на европските држави.

Парламент го усвојува годишниот буџет на ЕУ, ја споделува оваа одговорност со Советот. Во Парламентот има посебна комисија за надзор над трошењето на буџетските средства. Парламентот секоја година донесува мислење како Европската комисија постапува со буџетот за претходната година.

Европскиот парламент е составен од 736 членови кои ги претставуваат граѓаните на ЕУ, се избираат на пет години од страна на гласачите со право на глас во 27 земји-членки на ЕУ. Членовите на Европскиот парламент формираат политички групи според политичката припадност, не според националност.

Седиштето на Европскиот парламент е во Брисел, Луксембург и Стразбур. Пленарните седници на  Парламентот се одржуваат во Стразбур и во Брисел, седниците на комитетите се одржуваат во Брисел. Во Луксембург се наоѓаат административните канцеларии на Генералниот секретаријат.

ЕВРОПСКА КОМИСИЈА

Европската комисија (The European Commission) е една од главните институции на Европската унија, претставува извршно тело на Унијата. Комисијата ги претставува и поддржува интересите на ЕУ во целина. Комисијата изготвува предлози за нови европски закони,  управува со активностите  за спроведување на политиките на ЕУ и трошењето на средствата од фондовите на ЕУ.

Надгледувањето и спроведувањето на политиките на ЕУ, Европската комисија го врши преку:

  • предлагање на ново законодавство до Европскиот парламент и  Советот,
  • управување со буџетот на ЕУ и распределбата на средствата,
  • примена на  правото на ЕУ, заедно со Судот на правдата на ЕУ и
  • претставување на ЕУ на меѓународно ниво.

Комисијата е составена од 27 комесари, по еден комесар од секоја земја-членка на ЕУ.  Секој европски комесар е назначен за одредена политика на ЕУ од страна на Претседателот на Комисијата кој се предлага од страна на Европскиот совет. Назначувањето на сите комесари, вклучително и претседателот на Комисијата е предмет на одобрување на Европскиот парламент кој има надлежност да ја распушти Комисијата.

Комисијата има право на иницијатива - предлага нови закони за заштита на интересите на ЕУ и нејзините граѓани. Комисијата е чувар на договорите - проверува дали секоја земја-членка правилно го применува правото на ЕУ.

Заедно со Советот и Парламентот, Комисијата ги одредува долгорочните приоритети и финансиската рамка за трошоците во ЕУ. Комисијата го составува годишниот буџет кој треба да биде одобрен од страна на Парламентот и Советот. Комисијата врши надзор на трошењето на фондовите на ЕУ, од страна на агенциите како и националните и регионални власти. Европскиот суд на ревизори го надгледува управувањето на Комисијата со буџетот на ЕУ. Комисијата исто така управува со средствата на политиките и програмите на ЕУ.

Комисијата настапува во меѓународните тела во интерес на земјите-членки на ЕУ и преговара за меѓународните договори за ЕУ.

Седиштето на Европската комисијата е во Брисел и Луксембург. Комисијата има свои канцеларии  во секоја земја-членка на ЕУ како и делегации во главните градови ширум светот.

СУД  НА ПРАВДАТА

 Судот на правдата на Европската унија (The Court of Justice of the European Union) е основан во 1952 година и неговата мисијата е да гарантира  почитување на правото при толкувањето и примена на Договорите.

Судот на правдата на ЕУ ја прегледува законитоста на актите на институциите на ЕУ, осигурува дека земјите-членки ги исполнуваат обврските од договорите и по барање на националните судови, го толкува правото на ЕУ.

Судот на правдата ја претставува судската власт на Европската унија. Во соработка со судовите на земјите-членки обезбедува единствена примена и толкување на правото на ЕУ. Судот го толкува правото на ЕУ со цел да се обезбеди негова еднаква примена во сите земји членки. Судот исто така ги решава правните спорови меѓу владите на ЕУ и институциите на Унијата. Поединци, компании или организации, исто така можат да покренат случаи пред Судот, доколку сметаат дека нивните права биле повредени од страна на некоја од институциите на ЕУ.

Седиштето на Судот на правдата на Европската унија е во Луксембург. Судот е составен од три судови: Суд на правдата, Првостепен суд (формиран во 1988) и Трибунал за јавна служба (формиран во 2004).

Судот на правдата го сочинуваат по еден судија од секоја земја-членка на ЕУ, а во работата на судот му помагаат и осум јавни правни застапници чија задача е да се презентираат мислења за случаи изнесени пред Судот. Секој судија и јавен правен застапник се назначуваат со мандат од шест години со можност за реизбор.

СУД  НА РЕВИЗОРИ

Европскиот суд на ревизори (The European Court of Auditors) со Договорот од Мастрихт е прифатен како институција на Европската унија за вршење на ревизија на финансиите во Унијата. Судот е основан на 22 јули 1975 година со седиште во Луксембург.

Европскиот суд на ревизори, како надворешен ревизор на ЕУ придонесува за подобрување на финансиско управување во Унијата и работи како независен заштитник на финансиските интереси на граѓаните на Унијата.

Судот разгледува дали финансиското работење е точно евидентирано и прикажано, дали е законски и правилно извршено и управувано да обезбеди економичност, ефикасност и ефективност.

Резултатите од работата на Судот се користат од страна на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот и земјите-членки, со цел подобрување на финансиското управување со буџетот на Европската унија.

Судот ја унапредува одговорноста и транспарентноста, им помага на Европскиот парламент и Советот во контролата на спроведувањето на буџетот на ЕУ. Една од клучните задачи на Европскиот суд на ревизори е да презентира годишен извештај за претходната финансиска година до Европскиот парламент и Советот. Парламентот пред да донесе одлука дали да го одобри начинот на кој Комисијата постапува со буџетот темелно го разгледува годишниот извештај на Европскиот суд на ревизори.

Европскиот суд на ревизори има по еден член од секоја земја-членка на Унијата, назначен од Советот, со мандат од шест години. Членовите на Судот избираат претседател со мандат од три години.

Во случај кога ревизорите откриваат измама или нерегуларности ја информираат Европската канцеларија за спречување на измами.

Други тела сo значајна улога во ЕУ: 

Европски комитет за економски и социјални прашања  (European Economic and Social Committee) е основан во 1957 година со Договорот од Рим, претставува советодавно тело кое ги застапува работодавачите, трговските синдикати, фармерите, потрошувачите и други групи кои колективно го сочинуваат организираното граѓанско општество. Комитетот ги презентира нивните ставови и ги брани нивните интереси во политички дискусии во Комисијата, Советот и Европскиот парламент. Комитетот претставува мост меѓу Унијата и нејзините граѓани, промовирајќи поголема застапеност и учество на граѓаните и подемократско општество во Европа. Комитетот е составен дел од процесот на донесување на одлуки. Тој мора да биде консултиран пред да се донесат одлуки за економската и социјалната политика. Членовите на Комитетот се номинирани од владите на ЕУ, но работат под целосна политичка независност. Тие се назначени за период од четири години, со право на повторен избор. Комитетот се состанува во Пленарно собрание, а во подготовката на дискусиите учествуваат неговите поткомитети, секции. Комитетот избира претседател и потпретседател на секои две години.

Седиштето на Комитетот е во Брисел.

Комитет за регионите  (Committee on Regions)  е основан во 1994 година со Договорот на Европската унија. Комитетот е советодавно тело составено од претставници од регионалните и локалните власти на Европа, што ги предлагаат земјите членки, а ги именува Советот, со мандат од четири години. Членовите на Комитетот се номинирани од владите на ЕУ, но работат под целосна политичка независност. Комитетот за регионите назначува претседател од своите членови, за период од две години.

Улогата на Комитетот за регионите е да ги изнесува и предлага ставовите на локалните и регионалните власти во врска со законодавството на ЕУ, по пат на издавање на мислења за предлозите на Комисијата. Комитетот одржува пленарни сесии на годишно ниво, на кои се дефинира неговата генерална политика и се усвојуваат мислења. Членовите на Комитетот се поделени во шест посебни комисии од областа на територијалната кохезиска политика, економско-социјалната политика, оддржлив развој, култура и образование, уставни работи и европско управување и надворешни врски.

Седиштето на Комитетот е во Брисел

Европска централна банка  (European Central Bank) е одговорна за управување со еврото и монетарната политика на ЕУ. Задачите на Европската централна Банка се определени во Договорот со кој е основана Европската Заедница. Примарна цел на Банката е одржување на ценовната стабилност и поддршка на главните економски политики во Заедницата.

Целите на Унијата, според член 2 од Договорот за Европската унија се остварување на висока стапка на вработување и оддржлив раст.

Основни задачи на Банката се:

·   Дефинирање и имплементирање на монетарната политика во евро зоната;

·   Оддржување и управување со девизните резерви на земјите од еврозоната (portfolio management) и

·   Промоција на функционирањето на платежните системи.

Седиштето на Банката е во Франкфурт.

Европска инвестициска банка  (European Investment Bank) е основана во 1958 година со Договорот од Рим. Мисијата на Банката е да инвестира во проекти што ги промовираат целите на Унијата. Банката помага да се постигнат целите на Унијата преку финансирање на инвестициски проекти, за развој на помалку развиените региони во ЕУ и за подобрување на конкурентноста на малите бизниси. Избраните проекти се за поттикнување на евроинтеграцијата, балансиран развој, економско-социјалната кохезија и иновативната економија. Банката не е профитна и не остварува никакви средства од штедни влогови или од тековни сметки. Таа се финансира преку позајмици што се одвиваат на финансисите пазари и преку акционерите на Банката - земјите членки на ЕУ кои се заеднички сопственици на нејзиниот капитал, при што придонесот на секоја земја ја одразува нејзината економска моќ во Унијата.

Одлуките на Банката ги донесуваат Одборот на гувернери, Управниот одбор и Раководниот комитет.

Банката соработува со институциите на ЕУ, нејзини претставници можат да учествуваат во комитетите на Европскиот парламент, а претседателот на Банката може да присуствува на состаноците на Советот.

Седиштето на Банката е во Луксембург.