Собраниско раководство



Сабота, 7 септември 2013 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ НА ПРИЕМ ПО ПОВОД 8 СЕПТЕМВРИ - ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА
 
Почитуван претседател на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници од првиот состав на Собранието на Република Македонија,
Почитувани колеги пратеници, министри, претставници на верските заедници,
Ваши екселенции,
Дами и господа,

Секое ново одбележување на 8 септември е наша, заедничка можност да ги реафирмираме зедничките вредности и довербата како основа на секоја современа држава, секое здраво општество, секое семејство, во осмислувањето на својата подобра иднина. Осми септември е уште една можност за подигнување и одржување на моралот на нацијата, заедништвото и силата на Македонија. Ова е ден во кој повторно ја реафирмираме лојалноста кон нашата држава. Осми септември е денот кој нe обединува сите под сонцето на Македонија!

Почитувани присутни,

И во оваа прилика сакам уште еднаш да изразам благодарност до граѓаните на Република Македонија кои во едно турбулентно време на распаѓање на некогашната СФРЈ на 8 септември 1991 година излегоа на референдум и со огромно мнозинство се определија за самостојна и независна држава, втемелена на двата Илиндена. Во оваа прилика уште еднаш изразувам благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија, првата Влада на Република Македонија, како и до првиот претседател на Република Македонија. Денес, се потсетуваме и им одаваме почит и на сите оние кои се вложија со својот живот и дело за Македонија.

Сите сме сложни дека референдумот на 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа. Во изминативе 22 години победите ги вреднувавме преку тоа дали спроведовме успешни реформи и дали воведовме демоктратски стандарди? Победите ги вреднувавме преку подигнатиот животен стандард, преку новите генерации квалитетно образовани млади луѓе и преку економскиот напредок во целина.

На прашањето дали успевме во тоа и кој колку придонел или одмогнал за тоа, се даваат различни одговори. И ќе се даваат. Тоа е природно во едно плуралистичко и демократско општество кое го градиме. После некое време, кога ќе има доволна временска дистанца, ќе се разјасни и оваа прашање. Така и треба, други генерации треба да кажат за нас!

Но, сега почитувани додека траат сите овие дневни разлики на мислења и политички конфликти, има една супстанца која е внатрешна, иманентна, поврзувачка за сите нас. Има некоја врска која сите не прави еднакви во различноста, и која од нас бара сплотеност и заедништво. Тоа, почитувани присутни е државниот интерес, тоа е интересот на нацијата, тоа е Македонија! Тоа се идните генерации.

За да успееме во одбраната и надградбата на државните интереси, мораме безусловно да го почитуваме основот на секоја победа - а тоа е единството! Тоа е заедништвото! За да биде одржливо и делотворно заедништвото, мора да има меѓусебна доверба! Нема напредок без доверба, таа е врзувачкото ткиво во заедницата, таа е супстанцата која ги прави работите возможни, и во економијата и во општетсвото, и во секое семејство! Нашето единство е наша победа! Меѓусебната доверба е наша победа!

Почитувани пријатели,

Како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадовме услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот идентитет. Верувам дека денеска, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина.

И покрај сите пречки и блокади Република Македонија и понатаму активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот. И поради нас самите, и поради евроинтеграциите овде во законодавниот дом и во целина продолжуваме да ги правиме потребните реформи и усогласувања. Затоа е потребно политичките разлики и судири да се подредат на важните државни прашања. Тоа од нас го очекуваат граѓаните. Тие од нас очекуваат сплотеност и соработка. Нема, поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани!

Дами и господа,

Дозволете ми на крајот, на сите вас и на граѓаните на Република Македонија, да им го честитам 8 Септември.

Некa ни е честит и вечен 8 Септември!

Click