Активности

Вторник, 6 ноември 2018 година

Борбата против корупцијата и организираниот криминал - клучна компонента на вистинската демократија

На конференцијата за „Градење на демократска безбедност на Медитеранот, заеднички предизвици, поделена одговорност“, која во организација на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на  Советот на Европа и на Парламентот на Република Хрватска, се одржува во Дубровник, свое обраќање имаше шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија, Бетиан Китев. 

Пред присутните пратеници и претставници на Венецијанската комисија и на ГРЕКО, зборувајќи за борбата против заканите по владеењето на правото, пратеникот Китев истакна дека борбата против корупцијата и организираниот криминал остануваат не само камен-темелник на владеењето на правото, туку и клучна компонента на вистинската демократија и суштински елемент во обезбедувањето на заштитата на човековите права. 

Тој се задржа на состојбата во Република Македонија во областа на борбата против организираниот криминал и корупцијата, земајќи ги притоа предвид и  препораките на ГРЕКО и ги информираше учесниците на Конференцијата за усвојувањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците во јули годинава, за усвојувањето на Стрaтегијата за зајакнување на капацитетите за спроведување финансиски истраги и конфискација на имот, како и за предвидените измени на законската регулатива за спречување на корупцијата, што ќе значи нов начин на формирање на Антикорупциската комисија, зголемување на нејзините надлежности, со цел нејзината работа да биде поефикасна,  потранспарентна и без политичко влијание. 

Нагласувајќи дека корупцијата и организираниот криминал можат да ја поткопаат политичката, социјалната и економската стабилност на земјата, Китев повика на градење сеопфатен пристап за ефикасно подобрување на механизмите за превенција и контрола во сите сфери на општествениот живот. 

Click