Активности

Четврток, 17 октомври 2019 година

Дебата на тема: „Како работата на парламентите да биде подостапна за лицата со попреченост: најдобри практики“

Генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова учествува на Заседанието на Здружението на генералните секретари на парламентите (ЗГСП), што се одржува во рамките на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (13-17 октомври 2019 година Белград, Република Србија).

На Заседанието на ЗГСП, меѓу другото, се дискутираше за отвореноста на парламентите, значењето на обуките во зацврстувањето на капацитетот на парламентите, методите за надзор над имплементацијата на законите, имунитетот на парламентарците, парламентарната култура, предизвиците и можностите за парламентите во врска со порастот на партиципативната и директна демократија и друго.

Генералната секретарка Цветанка Иванова учествуваше во генералната дебата на тема: „Како работата на парламентите да биде подостапна за лицата со попреченост: најдобри практики“. Таа информираше дека во мај 2003 година, во Македонскиот парламент беше формирана Интерпартиската парламентарна група за лицата со посебни способности (ИППГ), како нов модел преку кој лицата со попреченост успешно можат да дејствуваат и да ја пренесат својата порака и потреби до извршната власт. Во новиот пратенички мандат ИППГ се реструктуираше по седми пат, а во Групата активно се вклучени 48 пратеници, кои се посветени на заштитата на правата и достоинството на лицата со попреченост. Иванова нагласи дека во шеснаесетте години од постоењето на ИППГ се создаде критична маса на луѓе, кои се подготвени за застапување за промени на законската регулатива во оваа сфера, но и за промена на јавната свест. Таа информираше за усвојувањето на Декларацијата за правата на лицата со попреченост, со конкретни обврски и за Собранието и за Владата на Република Северна Македонија, како и бројните закони со вградени стандарди за изедначување на правата на овие лица, донесени и изменети по иницијатива на ИППГ. Истовремено, Иванова истака дека согласно Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, ратификувана од Собранието, прашањето на попреченост подразбира вклученост на сите нивоа и во сите фази од страна од актерите вклучени во креирањето на таа политика.

Генералната секретарка се осврна на неколку позитивни примери во Собранието на Република Северна Македонија: изградени се пристапни рампи за непречен пристап на лицата со телесен инвалидитет, а во тек е доадаптација на дел од салите со соодветни платформи за пристапност; Уставот и едукативниот материјал за Собранието се преведени на браево писмо, а аудио запис на истите е поставен на веб страната; изготвени се постери со знаковен јазик со неколку клучни зборови поврзани со парламентот и истите се користат при отворените денови во Собранието; на Собранискиот канал се емитувани едукативни видеа за Собранието со гласовен толкувач и сл. Таа подвлече дека ИППГ продолжува да биде главен гласноговорник на лицата со попреченост, со цел за исполнување на принципот „Ништо за нас, без нас“.  

Во рамките на Заседанието на ЗГСП, генералната секретарка Цветанка Иванова оствари билатерална средба со генералниот секретар на Народното собрание на Република Србија, Срџан Смиљаниќ и заменикот на генералниот секретар, Бранко Маринковиќ. На средбата беа разменети искуства за функционирањето на двете собранија и за парламентарната процедура и практика. Генералните секретари ги разгледаа можностите за идна меѓупарламентарна соработка, пред сè во областа на изготвувањето на стратешките планови, модернизацијата на службите, дигитализацијата на документите и процедурите, ИТ безбедноста, осамостојувањето на парламентите од финансиски, административен и безбедносен аспект  и слично.  На средбата стана збор и за иницијативата за формирање на Мрежа на генералните секретари на парламентите од регионот, со цел за поблиска соработка, како и размена на добри практики.   Здружението на генералните секретари на парламентите е консултативно тело на Интерпарламентарната унија, во кое членуваат генерални секретари на парламентите - членки на ИПУ. На состаноците на Здружението на генералните секретари, што се одвиваат паралелно со редовните собранија на ИПУ, се разменуваат мислења за стручни прашања од работата на парламентите, при што членовите на Здружението подготвуваат извештаи и излагања за одредени теми и расправаат за нив. 

Click