Активности

Четврток, 21 март 2019 година

Делегација од Собранието на Република Косово во посета на Собранието на Република Северна Македонија

Делегација од Собранието на Република Косово, предводена од претседателот на Комисијата за јавна администрација и локална самоуправа, Наид Хасани, оствари средба со потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Весел Мемеди, претседателката на Законодавно-правната комисија, Соња Мираковска и претседателот на Комисијата за локална самоуправа, Џевад Адеми.

Мемеди ги запозна гостите со актуелната политичка состојба и претстојните претседателски избори. Преспанскиот договор и уставните измени беа тешко прашање, но значајно за евроатлантските аспирации. Како што посочи Мемеди, благодарение на храброста на политичките лидери, затворен е тридецениски спор, кој ги отвори вратите на Република Северна Македонија за ЕУ и НАТО. Очекуваме до крајот на годинава сите 29 земји членки на НАТО да го ратификуваат Протоколот, а во јуни и датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Претседателот на Комисијата за јавна администрација и локална самоуправа, Наид Хасани, посочи дека Преспанскиот договор е еден од најголемите успеси и води кон стабилност и економски развој. Основна цел на посетата се размена на искуства, особено во носење на Закон за Собрание од страна на Собранието на Република Косово.

Од претседателката на Законодавно-правната комисија, Соња Мираковска, беше укажано дека е добро правилата на игра, т.е. Деловникот и Законот за Собрание, да се носат со консензус со опозицијата.

Претседателот на Комисијата за локална самоуправа, Џевад Адеми, ги посоветува колегите од Косово да не брзаат со носење на Закон за Собрание и посочи дека подобар акт е оној кој се носи со консензус. Укажа дека настаните на 24 декември беа последица на лошите одредби во Деловникот и се црна дамка во парламентарната демократија.

Заменик-генералниот секретар Мики Милковски говореше за содржината и постапката за носење на актите.

Click