Активности

Понеделник, 14 октомври 2019 година, Белград

Форум на жени парламентарки – „Обезбедување универзалното здравствено покривање да одговара на потребите на жените и девојчињата“

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија учествува на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 13 до 17 октомври 2019 година во Белград, Република Србија. Делегацијата ја сочинуваат: Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата, Диме Велковски, Димитар Стевананџија, Агим Шаќири и Јулиана Николова, членови на Делегацијата и Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија. 

На 141. Собрание на ИПУ учествуваат околу 1.700 претставници од над 140 земји членки на Унијата, како и повеќе од 70 претседатели на парламенти. Во фокусот на дебатата се: зајакнувањето на меѓународното право, парламентарните улоги и механизми и придонесот за регионална соработка; парламентарни стратегии за зајакнување на мирот и безбедноста во пресрет на предизвиците и конфликтите што произлегуваат од климатските катастрофи и нивните последици; актуелизирање на дигитализацијата и циркуларната економија за постигнување на Целите за одржлив развој, одговорна потрошувачка и производство; постигнување на  универзално здравствено покривање до 2030 година - улогата на парламетите за гарантирање на правото на здравје; криминализација на перењето на пари  и сл.

Во рамките на 141. Собрание на ИПУ, вчера се одржа седница на „Форумот на жени парламентарки“, на која, меѓу другото, се одржа и дебата на тема: „Обезбедување универзалното здравствено покривање да одговара на потребите на жените и девојчињата“, која имаше за цел споделување на искуства за добрите практики, стратегии, политики, законодавство и мерки на овој план.

Во дебата учествуваше пратеничката Јулиана Николова, која нагласи дека здравствениот сектор во Република Северна Македонија има долга традиција во промовирањето на здравјето на децата и жените во репродуктивниот период. Таа информираше за постоечката законска регулатива во земјата и истакна дека Националната програма за јавно здравје, Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје 2010-2020, Програмата за активна заштита на мајки и деца, Програмата за рана детекција на малигни заболувања и др., содржат активности кои се целно наменети за унапредување на здравјето на жените.

Споделувајќи позитивни практики, пратеничката Николова се осврна на слободниот пристап до примарна здравствена заштита и услуги кои обезбедуваат пренатална здравствена заштита, заштитита на новороденчиња и жени во репродуктивна возраст, доброволното советување и тестирање за ХИВ/СИДА, задолжителната вакцинација на 12-годишни девојчиња против HPV, бесплатните гинеколошки прегледи со РАР тест, бесплатните превентивни прегледи за скрининг на рак на дојка и на грлото на матката,  како и бројните мерки за ранливите групи жени кои се соочуваат со финасиски бариери. Нагласи дека жените и девојки бегалци, како и жените и девојки во хуманитарни услови се обезбедедени со пристап до услугите за сексуално и репродуктивно здравје.

Николова посочи дека во контекст на Инстанбулската конвенција, во Република Северна Македонија се воспоставени три центри за упатување на жртви на сексуално насилство, каде може да се обезбеди интегриран и целосен договор на жртвите и каде што неопходните здравствени, психосоцијални и правни безбедносни истраги може да се спроведат на едно место, во безбедна средина, во согласност со препораките на сите релевантни меѓународни институции.

Интерпарламентарната унија е светска организација на парламентите, во која членуваат 179 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Основана во 1889 година, ИПУ е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација. Унијата работи на зачувување на мирот и промовирање позитивни демократски промени преку политички дијалог и конкретни активности. Светската организација на парламентите има седиште во Женева и тесно соработува со Организацијата на Обединетите нации и другите партнерски организации, чии цели ги споделува.

Click