Активности

Четврток, 6 декември 2018 година

Јавна расправа по Предлог-законот за данокот на личен доход 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Мекедонија, одржа Јавна расправа по Предлог-законот за данокот на личен доход, со која претседаваше претседателката на Комисијата, Лилјана Кузмановска.

Воведно образложение по Предлог-законот даде министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој истакна дека во насока на обезбедување на поголема праведност во оданочувањето, се предлага да се промени постојниот систем на рамен данок и да се воведе праведен прогресивен данок. Целта е да овозможи поправеден систем на оданочување на доходот на граѓаните, намалување на социјалната нееднаквост и зголемување на буџетските приходи.

Актуелниот персонален данок на доход се пресметува и плаќа по стапка од 10%, независно од висината на остварениот доход на лицето. На тој начин, примената на единствена (рамна) стапка на оданочување ги става во поповолна положба лицата кои остваруваат висок доход, бидејќи истите не се оданочуваат според нивните можности.

Во изминатата година, 1% од најдоходовните граѓани оствариле 14,4 пати повисок доход од просечниот доход во државата. Притоа, за истите ефективната даночна стапка е пониска од останатите граѓани.

Со Предлог-законот се воведува стапка од 18% која ќе се пресметува и плаќа на  даночната основа којашто надминува 90.000 денари месечно. За даночната основа до 90.000 денари месечно, останува примената на даночната стапка од 10%. Притоа, се очекува зголемување на Буџетот на Република Македонија од околу 25 милиони евра, со идеја истите да се насочат во социјална заштита, со оглед на тоа што приоритет е зголемување на минималната плата.

На Јавната расправа зедоа учество експерти од областа, професори, претставници на институции, организации, здруженија и асоцијации.

Учесниците во дискусијата беа сложни околу тоа дека станува збор за идеолошко прашање. Забелешките се во насока на тоа дека иако земјите во светот го имаат воведено прогресивниот данок, истиот, со овој концепт тешко може да функционира во Република Македонија, со оглед на тоа што само мал број на луѓе, односно 1% спаѓаат во категоријата богати. Мора да постојат неколку транши, а не само две, затоа што не се обезбедува правичност во даночниот систем доколку сите до 90.000 денари личен доход се стават во ист кош и оние над 90.000 повторно во ист кош. Исто така, очекуваните 25 милиони евра доколку им се поделат на 460 илјади сиромашни, тоа би значело само по 240 денари месечно. На овој начин единствено би биле казнети оние кои остваруваат доход од труд, како ИТ секторот, докторите, професорите, за разлика од најбогатите кои остваруваат доход од капитал. Вака замислен, беше кажано, новиот Предлог-закон не ги остварува целите, туку е само вовед во една прогресија. 

Комисијата за финансирање и буџет, врз основа на расправата, едногласно го усвои следниот заклучок:

  1. Членовите на Комисијата за финансирање и буџет, имајќи ги предвид забелешките и предлозите изнесени на јавната расправа, ќе поднесат амандмани на  Предлогот на закон за данокот на личен доход, (скратена постапка). Поднесените амандмани ќе бидат во насока на подобрување на текстот на одредбите на Предлогот на закон за данокот на личен доход;
  2. Овој заклучок на Комисијата за финансирање и буџет, заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет да се достави до Министерството за финансии и сите учесници на јавната расправа.   
Мислењата, предлозите и ставовите кои беа изнесени на јавната расправа, се содржани во Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет. 
Click