Активности

Вторник, 25 декември 2018 година

Јавна расправа: Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на денешната Осма седница  одржа Јавна расправа на тема: Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства.

Јавната расправа се одржа во соработка со Клубот на пратенички, а на иницијатива на Граѓанската организација за еднородителски семејства „Една може“ Скопје.               

На седницата покрај членовите и замениците членови на Комисијата беа поканети: сите пратеници на Собранието на Република Македонија, министерката за труд и социјална политика на Република Македонија, ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Aгенцијата за вработување на Република Македонија, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, координаторките за еднакви можности на министерствата на РМ, градоначалниците, локалните комисии за еднакви можности, претставници на меѓународните организации, универзитетски професори, експерти, Институтот за родови студии, претставници на НВО секторот од оваа област, како и претставник на Европската Комисија.

Седницата ја отвори претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, Даниела Рангелова по што свое обраќање имаа Ѓулумсер Касапи, координаторка нa Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија, Дороти Пачкова, претседателка на ГО „Една може“ и претставничката на Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија, Софија Спасовска. 

Во дискусијата се вклучија пратеничките: Јулиана Николова, Мирсада Емини - Асани, Жаклина Пешевска, Весна Дамчевска Илиевска, Јагода Шахпаска и Маја Морачанин, правниот експерт Мерсиха Смаиловиќ, претставниците на невладините органзии Ѓунер Небиу од Женска граѓанска иницијатива АНТИКО,  Наум Рибароски од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод и Ѓултен Мустафова од Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

  • Допрецизирање на постојните права и нивно реформулирање со законски и подзаконски акти, како и посебни специфични мерки за различни контексти на еднородителски семејства;
  • Отварање можности за независно домување;
  • Создавање механизми за квалитетно вработување;
  • Анализа и преобмислување на системот на социјални парични бенефиции и отворање на реални можности за соодветни надоместоци;
  • Мерките опфатени од Документи од областа на социјалната заштита, донесени од Владата на Р. Македонија, во кои има осврт на еднородителските семејства и самохрани родители да се обединат во менаџирањето на социјален ресурсен центар за еднородителски семејства (Национална програма за развој на социјална заштита, Национална стратегија за намалување на сиромаштијата,  
  • Да се унапредат капацитетите на релевантните институции задолжени во ефикасно спроведување на третманот, мерките и правата на самохраните родители, кои што се недоволно сензибилни на даденава тема;
  • Подобрување и унапредување на Законот за семејство заради нотирање на слабости, и усогласување на дефинираните термини и во Законите за Социјална и Детска заштита; Приспособување на терминологијата што алудира на самохраното родителство како на социјален ризик, само по себе;
  • Неопходност од легитирање на професијата родови експерти, стручни на специфични родово сензитивни тематики како еднородителските семејства;
  • Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените, да ја инкорпорира во една од приоритетните точки за застапување, проблематиката на еднородителските семејства и самохраните родители;• Да се зголеми надзорната улога на Собранието на Република Македонија по однос на прашањето за состојбата на еднородителските семејства и самохраните родители;
  • Да се обезбеди механизам за целосно спроведување на социјална инклузија за сите членови/ки на еднородителските семејства;
  • Да се обезбеди од страна на Државниот завод за статистика прибирање, мониторинг, евалуација и обработка на прецизни статистички показатели за бројот и состојбата на самохрани родители на национално и на локално ниво;
  • Извештајот од оваа седница да биде доставен до сите ресорни министерства и локални самоуправи; Заклучоците да бидат разгледани и да се постапува по истите.





Click