Активности

Среда, 20 март 2019 година

Јавна расправа - сеопфатен и систематичен осврт на регулативата и практиката од областа на инспекцискиот надзор

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на својата 70. седница одржа Јавна расправа по Предлог-законот за инспекциски надзор.

На седницата беа поканети и присуствуваа претставници од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика, претседателот и членовите на Инспекцискиот совет, директори на  државните инспекторати, синдикатот на УПОЗ, на стопанските комори, на УСАИД и претставници на организации и здруженија релевантни во областа во која се донесува законот.

Со седницата претседаваше заменик-претседателот на Комисијата, Чедомир Саздовски, кој во воведното обраќање информираше дека Предлог-законот за инспекциски надзор во прво читање Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците го разгледуваше на 67. седница одржана на 12 март 2019 година, кога Комисијата заклучи во најкус можен рок да организира Јавна расправа заради обезбедување транспарентност во постапката на донесување на законот и учество на стручната јавност од оваа област, а со цел подобрување на предметната материја.

Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, го образложи предложениот текст на Законот, оценувајќи дека на организиран и систематски начин се отстрануваат идентификуваните проблеми, се подобрува статусот на инспекторите и се подигнува квалитетот и ефикасноста на вршењето на инспекциските надзори.

Беа изнесени различни и спротивставени мислења од страна на Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина, Маја Савеска од Сојузот на Стопански комори, Менсур Бакија од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Славко Лазовски од Центарот за даночна политика, Алајдин Хавзиу - директор на Државен инспекторат за труд, Трпе Деаноски од УПОЗ, Дијана Деспотов од Американска стопанска комора и Живко Ставрески од Дирекцијата за заштита и спасување.

Државните институции, заинтересираните институции и здруженијата релевантни во областа во која се донесува Предлог-законот, во оваа пригода  ги искажаа своите ставови,  лични искуства и предлози во однос на предложениот Закон. 

Во јавната расправа учествуваа пратениците Самка Ибраимоски, Панчо Минов, Анета Симеска-Димоска, Снежана Калеска-Ванчева и Соња Мираковска, кои изразија поддршка на законот, но имаа дилеми и забелешки за одделни одредби од Законот, во смисла на нивно допрецирање и надградување,  а заради донесување на ефикасно, функционално и применливо законско решение.

Дискусиите, предлозите, конкретните забелешки, анализи за подобрување на текстот на законот беа конструктивни и јавната расправа покажа дека може уште многу да се направи предложениот Закон за инспекциски надзор да ги надмине неконзистентноста и слабостите на важечкиот Закон за инспекциски надзор. Со воведување на нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик и унифицирано вршење на инспекцискиот надзор,  ќе се постигне поголема правна сигурност за субјектите на надзор (пред сѐ од приватниот сектор).

Јавната расправа ја постигна целта и даде сеопфатен и систематичен осврт на регулативата и практиката од областа на инспекцискиот надзор. 

Click