Активности

Среда, 6 февруари 2019 година

Конференцијата на тема „Учество во изборниот процес на лицата со попреченост“

По повод Светскиот ден на изборите, пратениците Јагода Шахпаска, Трајчо Димков и Јулијана Николова, како заменици претседавачи на Интерпартиската парламентарна група за лицата со посебни способности (ИППГ), денес учествуваа на  Конференцијата на тема „Учество во изборниот процес на лицата со попреченост“. Настанот го организира Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Конференцијата претставува платформа за подигање на свеста за ограниченото учество на лицата со попреченост во изборниот процес, како и за идентификација на мерки кои ќе ги стимулираат различностите и инклузивноста во демократските институции и  во процесот наодлучување. 

На настанот присуствуваа активисти во полето на правата на лицата со попреченост; претставници на организациите на лицата со попреченост; претседателот и претставници од Државната изборна комисија, претставници од Министерство за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, поранешни парламентарни кандидати од редовите на лицата со попреченост; претставници на парламентарните политички партии, академската заедница, како и од локалните канцеларии на меѓународните организации кои работат на ова поле.    

Во рамките на Конференцијата свое излагање имаше и пратеничката Јагода Шахпаска која истакна дека Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности е формирана 2003 година на иницијатива на Полио плус-движење против хендикеп. Во  изминатите 16 години, во Собранието, групата дејствува како неформална група составена од пратеници од сите политички партии, а во други сегменти се вклучени лица од организациите на лицата со посебни способности ( поединечни и мрежни), од владини структури, од медиуми, од бизнис заедницата, како и од експерти и поединци со или без попреченост кои сакаат да се вложат во оваа цел. Визијата за формирање и постоење на ваква група е: општество во кое сите лица со посебни способности, учествуваат целосно како еднакви граѓани. Низ овие 16 години, ИППГ има направено многу чекори во градењето партнерства (меѓу граѓанските организации, и меѓу граѓанските организации и Собранието), градење и подигање на јавната свест (на пример: присуство на лица со попреченост на собраниска седница) и измени во законската рамка. Примерот и моделот на функционирање на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со хендикеп, во 2016 година беше пресликан во Република Србија. Во Првиот индекс на граѓанското општество, ИППГ е земена  како позитивен практичен пример за позитивна соработка помеѓу граѓанскиот сектор и законодавниот дом. Она што е обединувачко за пратениците е желбата, хуманоста, но и општествената одговорност како народни избраници да се борат за правата на лицата со посебни особености . Исто така пратеничката истакна дека по ратификацијата на Конвенцијата за правата  на лицата со хендикеп , како држава мора да им ги гарантира  политичките права на лицата со попреченост и истовремено да им обезбеди ефикасно и целосно учество во политичкиот и јавниот живот на еднаква основа со другите, непосредно или преку слободно избраните претставници, вклучувајќи го и правото и можноста на лицата со инвалидност да гласаат и да бидат гласани. Истовремено обезбедување дека постапките, капацитети и материјалите за гласање се соодветни, достапни и лесно разбирливи за користење.

Лицата со попреченост го претставуваат најголемото малцинство во светот и мора да ги уживаат сите фундаментални права вклучително и учеството во политиката.

Воедно, изборната политика во Република Македонија на национално ниво е регулирана со голем број правни документи, меѓу кои Уставот, Изборниот законик, Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии, одредби од Кривичниот законик, Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и прописи усвоени од страна на Државната изборна комисија (ДИК). Сите овие правни акти ја поставуваат рамката во која се организираат и се спроведуваат парламентарните, локалните и претседателските избори, како и начинот на кој секој граѓанин го остварува своето право на глас. 

На предлог на Инклузива-здружение за промоција и развој на инклузивно општество, Државната изборна комисија има донесено упатство за користење на шаблон на Брајово писмо за лицата со оштетен вид на локалните избори 2017. Истовремено беа организирани обуки за Општинските изборни комисии за пристап и комуникација со лица со различен вид на попреченост. На референдумот 2018 покрај шаблонот за гласање на лицата со оштетен вид , беше изработен и граничник за потпишување, за остварување на правото на глас на лицата со оштетен слух и лица со интелектуална попреченост. За првпат како набљудувачи на референдумскиот процес беа вклучени 40 лица со попреченост.  Проблематично во  Упатството на ДИК е  медицинскиот модел на дефинирање на лицата со попреченост, наместо дефинирање на групата во согласност со Конвенцијата, во Упатството се наведуваат дијагнози, кои ако не се идентификуваат со оние кои ги имаат граѓаните со попреченост, тогаш истите нема да бидат во можност да го остварат своето право на глас. Не секое лице со попреченост користи надоместок на туѓа нега, а во исто време некои лица со попреченост кои користат туѓа нега можат да гласаат со придружник, во согласност со членот 112 од Изборниот законик. Ваквиот пристап остава простор за злоупотреби. 

Во следните измени, пратеничката Шахпаска истакна дека преку Изборниот законик, треба да се овозможи поддржано гласање од страна на назначено лице за лицата со интелектуална попреченост, Избирачките места треба да се постават на пристапни места, обезбедување на пристапност до гласачкото место, но и до гласачката кутија.  воспоставување на алтернативни гласачки места, достапност на преведувачи на знаковен јазик, воведување тактилни упатства за гласање или достапни апарати за електронско гласање или давање упатства за едноставни инструкции за гласање во лесно разбирлив формат итн. Имено, Упатството за гласање се истакнува на видно место на гласачкиот параван, при што не е предвидено да биде поставен и изработен во различни формати (аудио формат, видео формат со употреба на знаковен јазик, материјал на Брајово писмо, или изработено упатство на лесно читлив формат) како би можеле граѓаните со попреченост да пристапат до истиот. 

За жал во нашата земја се уште нема вклученост на лицата со посебни потреби на листите за советници или пратеници. Од осамостојувањето до денес немало ниту едно лице со попреченост во законодавниот дом. Во соседните држави веќе има пратеници  со попреченост. Кај нас само дел од политичките партии за време на локалните избори на три листи предложиле кандидати за советници во општините Брвеница, Прилеп и Крива Паланка, но дека ниту во една не влегло лице со попреченост. Политичката партиципација е еден од главните патишта преку кој лицата со попреченост можат нај ефективно и нај ефикасно да ја постигнат својата еднаквост. 

На крајот од своето обраќање истакна дека учеството во донесувањето одлуки се смета за фундамент кон остварувањето на човековите права за лицата со попреченост. Имено, овој пристап може да биде значајна алатка во артикулирањето на гласот на лицата со попреченост, зголемување на нивната видливост, препознавање на нивниот идентитет, како колектив, и тоа не само во изборниот процес, туку и пошироко. Бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост во реализирањето на политичкото учество датираат од одамна и се поврзани со перцепциите кон лицата со попреченост како и со архитектонските и информатичките бариери создадени од страна на постојниот систем. Решението во врска со вклучувањето на лицата со попреченост во политичкиот живот е можеби некаде измеѓу, односно во комбинација на мерките за зголемување на образованието кај лицата со попреченост и афирмативните мерки како што се „квотен систем“ и „празен стол“. Без разлика какви мерки ќе се преземат, сепак, основата за учество лежи токму во признавањето и заемната почит кон лицата со попреченост. Ова значи обврска за нас како законодавци, но и на целата општествена заедница. Но пред се мора да бидат вклучени лицата со попреченост поаѓајќи од нивното мото: Ништо за нас, без нас!


 Шахпаска-говор

Click