Активности

Понеделник, 22 април 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на обуката за „Мерките за промовирање на Етичкиот кодекс и подигање на свеста за неговата содржина“, организирана од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања 

Почитуван г. Сукраманиан, 
Почитувани колеги,
Амбасадор Тимоние, 
Дами и господа,

Во нашето делување, сфатено во најширока смисла на зборот, единствено етичноста односно моралноста го прави нашиот живот убав и достоинствен. Според мене, оваа мисла на Алберт Ајнштајн треба секогаш да биде појдовна точка на секој поединец. Но, во досегашниот цивилизациски развој, тоа не е така. Затоа, имаме морални и етички норми и вредности кои се преточени во закони, кодекси и други акти со кои се уредува функционирањето и однесувањето на секој поединец во јавната но и во приватната сфера, а исто така се уредува функционирањето на државата, односно институциите.

Почитувани колеги,

Собранието на Република Северна Македонија во 2018 година донесе Етички кодекс за пратениците а во февруари оваа година направивме и одредени измени и дополнувања. Со ова, како Собрание ги исполнивме препораките на Советот на Европа, поточно препораките на ГРЕКО, и воедно обезбедивме законска рамка која ќе биде добра основа за етичкото однесување на пратениците во Собранието, а во исто време да се спречи и судир на јавниот и приватниот интерес на пратениците во текот на нивниот мандат. Со овој кодекс, Република Северна Македонија влегува во онаа, засега помала група на европски држави кои имаат донесено Кодекс за етичко однесување, односно кодифицирани етички принципи и деонтолошки правила кои ја надминуваат строгата рамка на законските правила. Во донесувањето на Кодексот, кој патем е јавен и достапен на собраниската веб страна, имавме голема помош од нашите меѓународни пријатели, посебно од уважениот професор Фердинанд Мелен-Сукраманиен, некогашен деонтолог во Националното Собрание на Франција.

Да потсетам дека, во мај минатата година, пред да го усвоиме нашиот Етички кодекс, имавме и панел дискусија на оваа тема. Тогаш истакнав дека, за да биде законодавниот дом функционален, а пред сè, во корист на граѓанинот како поединец и општеството во целост, потребно е воспоставување на етички норми, стандарди и правила кои ќе станат наше секојдневие, без разлика дали сме на власт или опозиција. Тоа ќе бидат вредности со кои ќе ја оправдаме довербата која сме ја добиле од граѓаните. Тоа беше првиот чекор кој го направивме. Денешната панел дискусија, поточно обуката има за цел утврдување на “Мерки за промовирање на Етичкиот кодекс и подигање на свеста за неговата содржина“. Мислам дека токму тоа е и суштината и целта, бидејќи станува збор за тоа како Етичкиот кодекс да стане дел од нашата политичка култура. Тоа не е процес кој се завршува само со денешната обука туку, ќе треба перманентно да се одвива и надградува. Секако, покрај пратениците, во овој процес треба да биде вклучена и собраниската администрација. На тој начин, не само што ја подигаме довербата на граѓаните во нас како пратеници кои не избрале, туку ја јакнеме и довербата во законодавниот дом. А мислам дека, сите ќе се согласиме дека токму Собранието како институција, со својата законодавна, надзорна и претставничка функција, е темел на парламентарната демократија.

Почитувани колеги и пријатели,

Сето ова јас го гледам и во еден поширок контекст, односно ова претставува составен дел на нашата евроатланска иднина. Знаете дека во тек е ратификацијата на протоколот за наше полноправно членство во НАТО во националните парламенти на државите членки. Реално е и нашето очекување за добивање на датум за отпочнување на преговорите со Европската Унија за наше полноправно членство.

Во овие процеси на интеграција, доследното почитување на етичките и моралните норми од страна на нас пратениците, без разлика дали сме од власта или од опозицијата, секако дека многу позитивно ќе влијае врз тие интеграциски процеси. Во исто време, на тој начин ние ќе дадеме и свој придонес и врз евроатланската иднина на целиот регион. Имено, судирот на јавниот со приватниот интерес и корупцијата не познаваат ниту државна граница ниту партиска или етничка припадност.

Земајќи ги предвид сите овие аспекти, тогаш е јасно дека усвојувањето на Етичкиот кодекс и неговото доследно применување е процес кој мораме да го водиме квалитетно и, не само ние од овој мандатен состав, туку и сите идни генерации. Имено, моралните и етичките норми не се статична категорија, тие постојано се развиваат и надополнуваат. Ние од овој мандатен состав што ги направивме првите чекори, имаме можност да ги запознаеме и користиме искуствата на другите парламенти, што секако е наша предност. Во секој случај, верувам дека овој парламентарен состав, и тука мислам на целокупниот состав, мнозинство и опозиција, имаме капацитет и волја да се соочиме и со овој предизвик, свесни дека почитувањето на етичките и моралните норми и принципи е нешто за кое не се добива награда или ордени, туку тоа е наша должност. И, да се навратам на мојот вовед и на мислата на Ајнштајн, верувам дека сите ние, односно секој човек сака да живее достоинствено, а тоа е можно само преку почитување и примена на етичките и моралните норми и принципи,

Ви благодарам на вниманието!

Click