Активности

Петок, 14 декември 2018

Обраќање на претседателот Џафери на oдбележувањето на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Република Македонија

Почитувани колеги пратеници,
Почитувана амбасадорка Галовеј, 
Почитувани Екселенции, 
Почитувана г-ѓа Генерален секретар,
Почитувани претставници на Вестминстер фондацијата за демократија,
Почитувани медиуми,
Дами господа,

Почестен сум што денес сме собрани сите заедно за одбележиме на свечен меѓутоа и работен начин 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Република Македонија. Станува збор за дипломатски односи со држава која е колевка на парламентарната демократија, постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите Нации и една од економски најразвиените држави. Настрана сето тоа, за нас е многу значајно тоа што во овие 25 години, Велика Британија секогаш била вистински пријател и поддржувач на Република Македонија во сите нејзини напори на сите планови, било да се работи за меѓународен план, било во давање сестрана помош во процесите на транзиција, особено во јакнењето на демократијата, сфатено во најширока смисла на зборот. На меѓународен план, Велика Британија е активен поддржувач на нашата определба за евроатланските интеграции, односно нашето полноправно членство во НАТО и ЕУ. Дозволете да ве потсетам на посетата на премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, г-ѓа Тереза Меј на Собранието на Република Македонија во мај оваа година, кога имавме чест да бидеме нејзини домаќини и имавме можност за отворен и конструктивен разговор. Ја помнам нејзината дефиниција за тоа што е успешен парламент, и ќе се обидам да ја толкувам: „најуспешните парламенти имаат две заеднички работи: првата е дека, тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници и знаат каква работа се врши во нивно име; втората е дека, парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и имаат волја да ја предизвикуваат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики.

Би бил нескромен ако речам дека ние како Собрание сме ги оствариле овие принципи во целост, меѓутоа со големо задоволство можам и сакам да истакнам дека овој мандатен состав го врати Собранието на вистинскиот пат во остварувањето на принципите кои ги посочи британската премиерка, почитуваната Тереза Меј. Во исто време, парламентарното мнозинство, а верувам и опозицијата, ќе го вложат својот максимум, Република Македонија многу брзо да стане полноправна членка на НАТО и успешно да ги започне преговорите за членство во ЕУ а тоа значи дека треба ние како Собрание да ги заокружиме започнатите процеси и исполниме нашите обврски кои произлегуваат од Преспанскиот договор.

Дами и господа,

Како што напомнав на почетокот, за нас како млада демократија посебно е значајна помошта со која се јакне капацитетот на парламентот и тоа, како во процесите на донесувањето на законите, така и во неговата надзорна функција. И секако, при тоа не ја забораваме отвореноста и транспарентноста кон граѓаните, кон невладиниот сектор и кон сите општествени субјекти. Токму за овие прашања,  во Собранието на Република Македонија од 2008-ма година континуирано е присутна Вестминстер фондацијата за демократија, која заедно со Министерството за надворешни работи на Велика Британија, преку Амбасадата во Скопје, беше носител на повеќе проекти сврзани со остварувањето на процесите на парламентарната демократија, како и јакнењето на капацитетот на пратениците и на собраниската администрација. Ќе направам една мала ретроспектива. Се започна со програмата наречена Вилтон Парк, во 2008-ма година. Да потсетам дека во септември минатата година, со претставниците на Вестминстер фондацијата за демократија и тогашниот амбасадор на Велика Британија, Н.Е.г. Чарлс Гарет, потпишав во име на Собранието Меморандум за соработка. Тогаш истакнав дека, овој Меморандум е уште една потврда за јасно изразената заложба за зголемување на динамиката во натамошниот развој на демократијата, владеењето на правото и над сè, јакнењето на  улогата, но и одговорноста на Собранието. При тоа, акцентот беше ставен на стратешкото планирање, финансискиот надзор, буџетирањето, но и отвореноста и транспарентноста во работата на Собранието како институција. Врз основа на овој меморандум, имавме успешна работна конференција во Вилтон Парк на која и власта и опозицијата, дадоа свој несебичен придонес. Во февруари оваа година, во организација на Вестминстер фондацијата за демократија, бевме домаќини на интерпарламентарната конференција на државите кандидати за членство во ЕУ, на која се расправаше за контролата на парламентите врз буџетските средства, како и за буџетската независност на парламентите.

Со Меморандумот што денеска го потпишуваме со Вестминстер фондацијата за демократија, Министерството за надворешни работи на Велика Британија и Комонвелтот, претставувани од Нејзината Екселенција, амбасадорката Рејчел Галовеј, акцентот е ставен на неколку битни аспекти од функционирањето на Собранието како независна институција, и тоа: финансискиот надзор; постзаконодавниот надзор; вклучувањето на независните институции и регулаторните агенции во процесите на вршење надзор, а она што сакам посебно да го истакнам е вклучувањето на јавноста во дијалогот и креирањето на политики. Секако, со Меморандумот можат да бидат опфатени и други прашања од наш интерес, а програмата ќе трае минимум до 31-ви март 2021-ва година и е финансирана од Амбасaдата на Велика Британија во Скопје.

Дами господа почитувани пријатели,

Навистина е пријатно чувството кога имате пријатели кои искрено сакаат да помогнат, а Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во овие 25 години се покажа како голем и вистински пријател. Сепак, мораме да ја имаме на ум и онаа народната мудрост дека, прво треба сам на себеси да си помогнеш, ако сакаш и другите да ти помогнат. Јас верувам дека овој парламентарен состав сака и има капацитет да ги исполни своите обврски, особено да го заврши процесот на уставните промени со што ќе се отвори пат за следните фази, за конечно потоа да станеме полноправна членка на НАТО и да очекуваме отворање на преговорите за полноправно членство во Европската Унија. 

На крај, би сакал во име на Собранието на Република Македонија, уште еднаш да изразам благодарност до Владата на Велика Британија, до Амбасадата во Скопје и секако до Вестминстер фондацијата за демократија, за сета помош која во овие 25 години ја даваат на Република Македонија и нејзините граѓани. Убеден сум дека и во иднина, високо развиените односи со Велика Британија на сите полиња, и понатаму ќе се развиваат и надградуваат, што е во наш заеднички интерес,

Ви благодарам!


Click