Активности

Среда, 10 јули 2019 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ НА ПРОМОТИВНИОТ НАСТАН ЗА СВЕЧЕНОТО ОТПОЧНУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ „ПРОГРАМА ЗА ПАРЛАМЕНТАРНА ПОДДРШКА“

Почитувани пратеници,
Почитувани претставници на Владата на Република Северна Македонија,
Почитувана Генерален секретар Иванова,
Екселенции,
Почитувани службеници на Собранието,
Почитувани дами и господа пријатели на Собранието,

Ми претставува голема чест што сте денес присутни тука во ваков број, на овој свечен настан за Собранието на Република Северна Македонија, за Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија и за Националниот демократски институт.

Би сакал да го искажам своето големо задоволство што денес ќе ја одбележиме на свечен начин соработката на Собранието со Швајцарската амбасада и со НДИ и на симболичен и интересен начин ќе биде промовирана „Програмата за парламентарна поддршка“.

Нашата соработка е долгогодишна и значително продуктивна. Собранието потпиша меморандум за разбирање за воспоставување на законска основа за спроведување на проектот „Програма за поддршка на Парламентот“ со Швајцарија, претставувана од нејзината амбасада, а како имплементатори на проектот се избрани нашите долгогодишни пријатели од Националниот демократски институт.

Во контекст на ова што го кажав, можам да констатирам дека нашата соработка со НДИ е на високо ниво и за време на целиот период сме се увериле дека се работи за тим сочинет од вистински професионалци кои го познаваат одблиску начинот на функционирање на Собранието, предностите, меѓутоа и слабостите, искористениот меѓутоа и сѐ уште неискористениот потенцијал .

Десет години се чинат можеби како премногу долг период во еден животен век, меѓутоа, кога станува збор за вистински и темелни промени во системот на работење на една институција како што е нашиот законодавен дом, тие се само едно мало парче од голема сложувалка.

Со започнувањето на оваа соработка, си поставивме пред себе високи цели кои сакаме да ги оствариме. Ќе ги искористам зборовите на уметничкиот гениј Пикасо - „Единствениот пат до успехот е кога целите ги остваруваме преку план во кој ревносно веруваме и по кој енергично постапуваме“, крај на цитат. Јас би додал дека, кога на патот кон остварувањето на тие цели ги имаме и вистинските луѓе покрај нас, не постои препрека ниту предизвик што не може да биде надминат. Затоа се тука нашите докажани пријатели од НДИ и Швајцарската амбасада.

Како што забележувате, околу нас се наоѓаат инсталации на кои се испишани целите на нашата соработка. Бетонот врз инсталациите нека биде симбол на стабилноста на институцијата. Искрено, се надевам дека за 10 години од денешниот ден, овие цели ќе бидат веќе искачени скалила на Собранието и на службата, а за тоа лично и со целото претседателство, секојдневно ќе се залагаме.

Уште еднаш, дозволете ми да Ви се заблагодарам што на нашата заедничка покана со почитуваната амбасадорка, Нејзината Екселенција г-ѓа Техада одговоривте позитивно и денес сте тука со нас во олкав број.

Ви благодарам на вниманието!

Click