Активности

Вторник, 8 октомври 2019 година

Обраќање на претседателот Џафери на Тркалезна маса на тема „Искуства и предизвици од примената на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“

Почитувана претседателке на Државната комисија за спречување на корупција, г-ѓа Ивановска,
Почитуван заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија, г. Османи,
Почитуван министре Поповски,
Почитуван професоре Чепреганов,
Почитувани дами и господа, присутни тука на денешната работилница за изработка на Национална стратегија за спречување на корупција и судир на интереси,

Ми преставува чест што сум дел од оваа работилница, во која ве охрабрувам и верувам дека ќе даде резултат во однос на креирањето на Национална стратегија. Се надевам дека со моето воведно обраќање ќе придонесам во вашата работа, особено за ваква значајна тема како што е корупцијата односно борбата против корупција. Лоцирана со години наназад како една од најголемите слабости на нашето општество, корупцијата може да се констатира дека е канцер на здравото функционирање на една држава. Последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија нотира добар напредок преку консолидирање на евиденција во истражувањето, гонењето и обидот на решавање предмети на корупција на високо ниво, како и преку промени во законодавството. Задоволен сум од новиот закон за Спречување на корупција и судир на интереси затоа што неговата примарна цел беше зајакнување на улогата и независноста на Државната комисија и генерално зајакнување на правната и институционална антикорупциска рамка и постигнување на поефикасна превенција и борба против корупцијата. Законот ги уредува мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, мерките и активностите за спречување на судирот на интереси, мерките и активностите за спречување на корупцијата при вршењето работи од јавен интерес на правните лица сврзани со остварувањето на јавните овластувања како и начин на справување од страна на ДКСК. Особено важно за мене беше тоа што законот целеше кон создавање на комисија составена од луѓе со професионален и личен интегритет. Тоа мислам дека се потврди преку начинот на избор на составот на Комисијата кој беше направен во Собранието на Република Северна Македонија. Процесот на избор беше транспарентен и објективен и покажува резултати, а се надевам дека и полека ќе се менуваат и стандардите за избор на членови на тела и институции каде што стручноста и интегритетот ќе бидат пресудни.

Во август 2018 година телото за борба против корупција на Советот на Европа - ГРЕКО во однос на Северна Македонија заклучи дека спровела задоволително или на задоволителен начин само шест од деветнаесетте препораки содржани во Извештајот за евалуација од четвртиот круг, севкупниот заклучок беше дека резултатите не се добри. Позитивен исклучок беше нотиран кај Собранието во однос на Етичкиот кодекс за однесување кај пратеници. Една од препораките беше дека треба акциите на државните органи да бидат поодлучувачки. Позитивната промена е очигледна дури и само по една година. Работа има уште многу, справувањето со корупцијата не е процес кој се завршува со неколку месечна работа. Тоа е процес кој бара сериозна работа од страна на сите државни органи, нивно работење со најголема транспарентност и отчетност но пред се, а тоа би кажал е најтешкиот дел од работата, е промената на свеста како кај функционерите и администрацијата така и кај граѓаните. Комисијата ќе потенцирам дека игра една од клучните улоги во предводењето на процесите. Европската комисија нотираше во својот извештај дека новата правна рамка за спречување на корупцијата е подобрена и именувањето на новите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата е далеку потранспарентна отколку во претходните години. Собранието директно ќе го гласа буџетот, а не преку Министерството за финансии, за да се зајакне финансиската автономија на Комисијата. Што значи дека имаме добра основа, треба да работиме сите заедно во насока на спроведувањето. Во насока на подобрување на борбата против корупција се и останатите закони кои ја формираат правната рамка, а тоа се Законот за лобирање, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, Законот за финансирање на политичките партии како и Законот за заштита на укажувачите.

Во однос на укажувачите јас би сакал да искажам поттикнување за секој оној што смета дека треба да пријави постапување кое е незаконито, недозволиво или на било каков начин го загрозува јавниот интерес. Како држава која се стреми да гради демократско општество треба да ги охрабруваме сите оние кои се укажувачи или кои би биле укажувачи во иднина. Законската рамка сметам дека обезбедува оптимална заштита за да ги поттикне укажувачите на дејствување.

Во однос на Собранието, би сакал како претседател на Собранието на Република Северна Македонија да потенцирам дека кај мене, а сигурен сум дека и кај моите колеги пратеници постои секогаш волја за донесување или менување на законска регулатива која ќе биде исклучиво во прилог на спречувањето на корупцијата. Притоа може да се користат и расположливите механизми за надворешен надзор кои ги има Собранието како една од нејзините функции.

Јас, исто така, заедно со целокупното раководство на Собранието односно потпретседателите и генералниот секретар целиме кон голема транспарентност во работата на Собранието, постојано анализираме, истражуваме и соработуваме за да биде Собранието отворено во се што работи. Собранието е на сите граѓани, така треба тие да го чувствуваат. Треба да имаат доверба во нас и поради тоа работата и сите внатрешни процеси мораат да бидат крајно транспарентни и отворени за јаноста.

Стратегиите ни помагаат да ги реализираме нашите цели и да добиеме реална слика и преглед на тоа што би било краткорочна, а што долгорочна цел. Лоцирање на слабости, користење на предности и план за работа. Јас најпрвин би сакал да и честитам на Комисијата за работата, ја поддржувам и охрабрувам уште поодлучно да чекори во насока на борбата против корупцијата. Уште еднаш ќе кажам дека како претседател на Собранието сум на располагање за соработка и помош во рамки на своите надлежности. Се надевам дека овие неколку денови ќе резултираат во успешно креирање на националната стратегија.

Ви благодарам за вниманието и ви посакувам успешна работа.