Активности

Петок, 2 август 2019, Пелинце 

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ ПО ПОВОД ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА 2 АВГУСТ - ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА

Почитувани министри во Владата на Република Северна Македонија,
Почитувани колеги од сегашниот и од претходните состави на Собранието,
Почитувани претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на РСМ,
Претставници од Кабинетот на Претседателот на Републиката,
Почитувани претставници на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи,
Почитуван Вицегувернер на Народна Банка на Република Северна Македонија,
Почитуван Државен правобранител на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на Академијата на науките и уметностите на Република Северна Македонија - МАНУ,
Претставници на локалната самоуправа,
Претставници на политичките партии во и надвор од Собранието на Република Северна Македонија,
Екселенции, претставници на дипломатскиот кор во Република Северна Македонија,
Претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Дами и господа,

Чест ми е што денес стојам тука пред вас, како претседател на Собранието на Република Северна Македонија, и ја имам таа привилегија да ве поздравам и посакам добредојде од име на Собранието и пратениците во законодавниот дом, тука пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Денес ги одбележуваме двата Илиндена, 1903-та - 116 годишнина од Крушевската Република и 1944-та, 75 - годишнината од Заседанието на АСНОМ, двата столба врз кои се темели државотворноста на државата и мислам дека слоганот кој што беше утврден на седницата на Организацискиот одбор во Владата во координација со Собранието на Република Северна Македонија и Претседателот на Републиката, не можеше да биде посоодветен и попогоден, односно „Сите сме деца на Илинден“, е вистински концепт кој што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои не обединуваат и поврзуваат, не прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава.

Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје. Секако дека низ годините, не било, ниту е, ниту пак ќе биде лесно. Се разбира дека ова парче земја не било надвор од глобалните случувања и консеквентно тие случувања се прелевале и имале влијание врз развојниот пат на државата. Меѓутоа, ѕвезда водилка била желбата за заедничка, слободна, независна држава, држава во која почитувањето на човековите права и слободи ќе биде подеднакво за сите граѓани без разлика на нивната етничка, верска или која било друга припадност.

Ако го погледнеме познатиот Крушевски Манифест, документ напишан пред сто и шеснаесет години а сепак актуелен и денес, цитирам, „ ....елате при нас браќа, да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та ние и нашата чељат и пречељат да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат“ (крај на цитат), ако ги погледнеме и документите на АСНОМ од 1944 година, документи во кои јасно се дефинирани токму тие општи и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мулти конфесионалниот карактер на нашата држава, ќе согледаме дека историјата, настаните низ неа, сами го детерминирале патот по кој ќе треба да чекориме, разумот ја наметнал потребата од сплотување кон единствената, природната и остварлива крајна цел, а тоа е заеднички дом за сите што имале јасна визија, мудрост и разум, имале сон за кој го положиле најдрагоценото, животот. Многу знајни и незнајни јунаци, многу млади животи, мајчини солзи и тага и плач во срцата. За тоа е доказ пишаната фактографска историја меѓутоа и многуте тажни песни и преданија што се пренесуваат од колено на колено, од генерација на генерација, за сонот и визијата да продолжат да живеат и стремежот да истрае низ сите премрежија.

И тој  вековен сон, таа вековна желба за слободна, независна, суверена  држава се оствари на 8-ми Септември 1991 година кога на референдум граѓаните се определија за самостојна, суверена држава а основните постулати врз кои водачите и на првиот и на вториот Илинден замислувале да се гради државата и да се развива граѓанското општество беа вградени во највисокиот законодавен акт - Уставот на државата. Покрај тоа, беа детерминирани стратешките цели од суштинска важност за напредокот на државата за кои имавме и се уште споделуваме заедничка определба мнозинството граѓани уште на самиот почеток на нашата самостојност, тоа е полноправното членство и интеграција во Европската Унија и НАТО.

Почитувани присутни,

Полни 28 години самостојна, суверена, слободна држава. Секоја година со нови предизвици, со многу премрежија и нови кризи. Не беше едноставно но сепак, сите заедно успеавме да ги надминеме и да чекориме напред кон остварувањето на нашите стратешки цели. Нашето патешествие не одеше секогаш паралелно со нашите амбиции и желби. Секако дека клучната улога ја имаа и секогаш ја имаат тие во чии раце е доверена државата, нејзиниот напредок и развој, нејзината безбедност и сигурност. При тоа мислам на сите, и власт и опозиција, затоа што сите добиле дел од легитимитетот и се разбира и одговорноста што ја дава највисокиот суверен - народот.

Од нас, од нашата визија и мудрост зависи колку ќе ја оправдаме таа скапоцена доверба, колку ќе ги исполниме ветувањата и заложбите дадени пред нив. Сите ние сме подеднакво одговорни и за подемот и за застојот на тој пат. Иако почнавме многу амбициозно, со очите на меѓународната јавност вперени во нас како кон земја која меѓу првите во регионот доби кандидатски статус, процесот се уште не е заокружен и ние цела една декада броевме во место. Истото се однесува и на интеграцијата во НАТО Сојузот. Иако уште со Резолуцијата од 1993 година се определивме за членство во овој сојуз, а во 1999 година добивме кандидатски статус, и тој процес се уште не е заокружен. Можам да почнам да ги набројувам причините и одговорите зошто е тоа така, да го вперам прстот и да обвинувам за тоа што некој направил или можеби не направил сè  што требало во дадениот момент меѓутоа, тоа нема да биде од никаква полза и нема да го врати неповратно изгубеното време во нашата понова историја. Сепак, битно е дека се вративме повторно на патот за кој што се определивме уште на самиот почеток, интегрирањето во НАТО и ЕУ.

Не беше лесно, не беше ниту едноставно! Минативе две и пол години се можеби најжешките години во историјата на земјава, при што секако не мислам на временските прилики. Ова беше период на донесување на тешки меѓутоа државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон Евроатланската интеграција и во кој политички созреваа и граѓаните и државата; се вративме на брзата пруга за евроатланска интеграција и се посветивме на воспоставувањето и градењето на добрососедските односи; имавме интензивна дипломатија и активна партиципација на институциите на државата на регионалните и светските меѓународни настани; активно учествувавме и продолжуваме да учествуваме во мировните мисии на НАТО сојузот при што нашите претставници се рамо до рамо со претставниците на полноправните земји - членки и меѓу другото придонесуваме и во рушењето на предрасудите и стереотипите од типот Балканот е „буре барут“. Ова е време на храбри лидери со визија и разум кои ја гледаат Европа обединета и цела со сите земји кои географски и цивилизациски се природен дел од неа. Република Северна Македонија е посочена како школски пример за решавање на меѓудржавни спорови. Сите институции, невладиниот сектор, сите граѓани на Република Северна Македонија се едногласно и непоколебливо посветени на исполнувањето на потребните услови за полноправно членство во НАТО и ЕУ и со полно право сите очекуваме да бидеме дел од НАТО и ЕУ.

И денес тука на Пелинце, и на секое катче од Република Северна Македонија и насекаде низ светот каде што живеат и чесно си го заработуваат своето парче леб нашите граѓани, на денот кога се прославува 2-ри Август, Денот на Републиката, со задоволство можам да констатирам дека сиот досега вложен труд и максималната посветеност на сите политички чинители во државата веќе ги дадоа своите конкретни позитивни резултати.

Драги пријатели,

Mоето обраќање во овој дел ќе го именувам како делот Од Илинден до НАТО затоа што сметам дека успехот што го постигнавме во оваа сфера е еден трет Илинден за нашата држава, односно ги цементиравме нејзините темели со уште еден дополнителен слој.

Имено, во однос на НАТО, бескрајно и лично сум горд, со оглед на фактот што во текот на мојот професионален ангажман сум бил покрај пратеник, и заменик министер и министер за одбрана, а сега во својство на претседател на законодавниот дом во кој се донесуваат потребните реформски закони, сум имал и имам личен удел во можеби постигнувањето на еден фантастичен рекорд. Односно, по ратификацијата на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО во националниот парламент на Република Грција на 6-ти февруари оваа година, динамиката на ратификација на Протоколот се одвива со досега невидена брзина. Од 29-те земји членки на НАТО, 21веќе го ратификувале Протоколот а во четири е во процедура, што ни дава за право да веруваме дека процесот ќе биде заокружен до Самитот на НАТО во Лондон во декември оваа година, кога ние и конечно би станале 30-тата земја полноправна членка на овој моќен воен сојуз. Горд сум и задоволен, затоа што конечно ќе биде исполнета првата од двете стратешки цели утврдени по независноста на земјата и што конечно ќе можеме со конкретен резултат да излеземе пред нашите почитувани граѓани и да кажеме:

Да - мисијата е исполнета;

Да - ветувањето е исполнето!

Сепак, сѐ уште не е се завршено. Постигнувањето на втората стратешка цел се уште само се најавува, се уште го немаме долгоочекуваниот конкретен датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Дали можевме да бидеме поисполнителни? Секако дека можевме, и можеме, реално многу и постигнавме меѓутоа, сега е потребна конкретна, не само декларативна волја за реформи и конкретно демонстрирање на дело на таа волја, при што мислам на сите активни чинители на политиката во земјава, без разлика на тоа дали се работи за власта или опозицијата, Како што реков на самиот почеток, сите ние сме носители на легитимитетот доверен од граѓаните и крајно е време да испорачаме и конкретен резултат за таа дадена доверба за во октомври оваа година да го добиеме и конкретниот датум за почетокот на преговорите за полноправно членство во Унијата. Членството во Европската Унија и НАТО, подразбира владеење на правото и правниот ред во државата без дискриминација, почитување на правата и слободите на сите граѓани подеднакво, без оглед на нивната етничка, верска, расна, политичка припадност и пол. Членството ќе значи европски стандарди за достоинствен живот, конкурентни услови за работа и бизнис, можности за квалитетно образование и научни истражувања за нашите млади ентузијасти и зрели професионалци кои ќе имаат можност да ги рашират своите крила и хоризонти за потоа гордо да се вратат и го применат наученото во родната земја затоа што - ние, мислам лично на мојата албанска заедница, имаме една поговорка која вели - „каменот тежи во своето место“, што значи дека радоста и гордоста од постигнатиот успех дома има посебна убавина и тежина.

Почитувани граѓани,

Сакам од ова место да ви се заблагодарам и да изразам почит кон вас затоа што, без оглед на сите подеми и порази, без оглед на премрежјата и кризите низ кои сме проаѓале, вие, граѓаните, без разлика на етничката, верската, политичката или која било друга припадност, не дозволивте да се наруши духот на заедништво, соживотот и толеранцијата. Тоа се вредностите кои сте ги потврдиле низ целата наша заедничка историја, вредности кои ги потврдувате и во секојдневието, бидејќи секогаш сте знаеле и знаете заедно да ги споделувате и убавите, и не толку убавите моменти кои ги носи животот. И денес, кога ги одбележуваме двата Илиндена и кога изразуваме неизмерна почит и благодарност до сите илинденци, сакам од ова место да се заблагодарам на сите граѓани на Република Северна Македонија за нивната истрајност, за нивната лојалност и за одговорното пренесување на аманетот на илинденците, впрочем, вие само го потврдувате тоа што го вели и слоганот на овој 2-ри Август - „Сите сме деца на Илинден“.

Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Тоа е наш долг кон сите оние кои се бореа за таква граѓанска држава, општество на сите граѓани во кое ќе растат нашите деца, внуци и идни генерации кои заслужуваат да живеат, растат, се образуваат и творат во европска Република Северна Македонија, современа и просперитетна држава на европски граѓани.

Ви благодарам на вниманието, имајте убав празничен ден!

Click