Активности

Среда, 13 ноември 2019 година

Педесетта седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на вчерашната 50. седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Статутарната одлука за изменување на Статутот на Агенцијата за пошти (II фаза)
  2. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење (скратена постапка), поднесен од: Реџаиљ Исмаили, Костадин Ацевски и Мирослав Јовановиќ;
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за електронско управување и електронски услуги (скратена постапка), поднесен од: Анета Симеска-Димоска и Реџаиљ Исмаили.

Комисијата констатира дека се прифатени сите забелешки дадени при разгледувањето на Статутарната одлука во Прва фаза и едногласно му предложи на Собранието да донесе одлука за давање согласност на Статутарната одлука за изменување на Статутот на Агенцијата за пошти.

Претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот на Собранието, поднесен е еден амандман на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот градење, за менување член 2, поднесен од пратениците Диме Велковски и Агим Шаќири.

Комисијата го разгледа и претресе овој амандман и со 6 гласа „за“ и 1 „против“, го усвои истиот. Во дискусијата по амандманот учествуваа пратениците: Диме Велковски, Лилјана Затуроска, Реџаиљ Исмаили, Костадин Ацевски, Панчо Минов и Ане Лашкоска. По расправата, Комисијата го проследи Предлог-законот на натамошна постапка во Собранието.

Во продолжение, претседателката на Комисијата, Затуроска, ги извести пратениците дека во рокот утврден со Деловникот не се поднесени амандмани на Предлогот на законот за изменување на Законот за електронско управување и електронски услуги.

Пратеничката Анета Симеска-Димоска ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Од своја страна, Затуроска дискутираше по предложеното законско решение и го истакна ставот во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дадат поддршка за донесување на ова, но и на цел пакет предложени законски решенија од оваа тематика, од причини што истите се со паушални измени.

Комисијата за транспорт, врски и екологија го проследи и овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието. 

Click