Активности

Вторник, 12 јуни 2018 година

Петта седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија, на денешната 5. седница, ја разгледа следната точка: Усвојување на заклучоци од Четвртата седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија, одржана на 8 мај 2018 година.

Со мнозинство гласови, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот ги усвои  следните заклучоци:

1. Го поздравува објавувањето на Извештајот на Европската комисија за остварениот напредок на земјата за 2018 година и ја поздравува чистата  препорака за почеток на пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија;

2. Да се следат случаи на злосторства од омраза и говор на омраза и иституциите да постапуваат соодветно на ингеренциите, да се зајакнат телата кои се вклучени во заштитата и унапредувањето на човековите права и да бидат ефикасно истражени претходните напади врз маргинализираните групи;

3. Да се остранат слабостите во спроведувањето на стандардите за човековите права и политичките документи, пред сè во однос на најранливите и маргинализирани групи во општеството, вклучувајќи ги лицата со попреченост и Ромите;

4. Да продолжи реформата на јавниот радиодифузен сервис и да се преземат мерки за поттикнување на развојот на средина за медиуми со промовирање на објективно и точно известување;

5. Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија да одржи јавна расправа во врска со пресудите на Бирото за застапување пред Европскиот суд за човекови права; 

6. Да се преземат итни мерки за да се поправат нечовечките услови што постојат во голем број казнено-поправни установи, полициски станици, установи за социјална заштита и психијатриски установи и Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Македонија да организира теренски посети во споменатите институции;

7. Ѝ се препорачува на Владата на Република Македонија да се обезбедат соодветни буџетски средства за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација за 2016 - 2020 година; 

8. Владата да преземе активни мерки за унапредување на правата на етничките заедници под 20%, особено во делот на правичната застапеност во јавната администрација и во образованието и права на сите етнички заедници во Република Македонија;

9. Да се решат постојните недостатоци во работата на Комисијата за заштита од дискриминација, вклучувајќи ја и нејзината непристрасност и независност, професинализација на оваа Комисија и да се пристапи кон системско собирање податоци за говор на омраза;

10. Да се посвети повеќе внимание на Спроведувањето на стратегијата за вклучување на Ромите (2014 - 2020 година) и соодветните акциски планови за образование, вработување, здравство, домување и жени Ромки;

11. Да се следи Стратегијата на реформа во правосудниот систем, односно да се донесат соодветни закони за ефикасно работење на органите во правосудството, кои би ги опфатиле и Судскиот совет и Советот на обвинители, како и реорганизирање на Академијата за судии и јавни обвинители. Истовремено, да се направат планови за квалитетно едуцирање на судии и конзистентна пракса за примена на образложение во одлуките;

12. Да се донесе новиот закон за заштита и спречување од дискриминација;

13. Покрај постоечките принудни инструменти за реализација на човековите права да се ангажираат сите потенцијали на општеството за генерална промена на менталитетот и сфаќањето на човековите права, да се пристапи кон едукација на сите аспекти во општеството, да се подигне свеста за почитување на човековите права, при што главна улога имаат институциите;

14. Кога ќе се разгледува продолжувањето на кризната состојба, во однос на јужната и северната граница во делот на миграциите, да се отвори поширока дискусија и да се разгледа Стратегијата за интеграција на бегалци и странци, улогата на странските полициски службеници на територијата на Македонија и преговорите со ФРОНТЕКС;

15. Во Кривичниот закон и во Законот за кривична постапка да се допрецизира мерката притвор односно да се доуредат и прецизираат условите за изрекување на истата и во таа насока да се обезбеди еден вид гаранција и заштита на правата на граѓаните во ваква состојба и со ваков статус. Мерките притвор и затвор да се поимаат како различни нешта, да се почитуваат и имплементираат од државните институции;

16. Со содржината на овие заклучоци да се запознаат Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања и истото да биде објавено на веб-страницата на Собранието на Република Македонија.

Click