Активности

Понеделник, 14 октомври 2019 година

Пратениците Димовски и Гаши на 65. Годишна сесија на ПС на НАТО во Лондон

На 65. Годишна сесија на Парламентарното Собрание на НАТО, што од 11 до 14 октомври 2019 година се одржува во Лондон, Обединетото Кралство, учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на Делегацијата и заменик-членот на Делегацијата, Африм Гаши. 

За време на сесијата, Шефот на Делегацијата Илија Димовски оствари поединечни средби со шефови и членови на исландската, италијанската, холандската, француската и американската делегација, при што беа разменети корисни информации околу актуелностите сврзани со нашето пристапување во НАТО. Беа добиени информaции дека исландскиот парламент ќе го ратификува Пристапниот протокол следниот понеделник, италијанскиот и холандскиот парламент ќе го ратификуваат на почетокот на ноември, а американскиот Конгрес и францускиот парламент веќе ја финализираат целата процедура. Во разговорите со грчката, украинската, српската, турската, австриската,  црногорската, латвиската и албанската делегација беа разменети ставови за меѓународната политика, безбедносните и одбранбените предизвици и перспективите на трансатлантската безбедност.

  

Обраќањето на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО, опфати три актуелни предизвици: Авганистан, контролата на оружјето и новите технологии, како и незапирливиот развој на Кина кој носи многу можности, но и ризици. Секој од овие предизвици бара  соодветен третман и од парламентарната димензија на НАТО, но и од националните влади особено преку дисциплиниран пристап во реализирањето на проектираната финансиска поддршка на НАТО оперативните активности. Се осврна и на актуелната ситуација во Сирија и влијанието на Русија во меѓународните односи.  

Коментар на излагањето на Столтенберг имаше пратеникот Африм Гаши, кој истакна дека и покрај тоа што нашиот процес на пристапување во НАТО е долгогодишен, иако беа испорачани 18 акциски планови изминатите 18 години и иако нашиот вистински воен придонес во мировните мисии на НАТО во светот е очигледен и високо ценет од сојузниците на НАТО - на крајот на денот сите можеме отворено да кажеме и да признаеме дека сите овие достигнувања и националните и болни отстапки се резултат на придржување и посветеност на сите наши влади досега, на сите наши парламентарци досега и на големото мнозинство граѓани кои ја поддржуваат евроатлантската интеграција. Ние веруваме во придобивките од членството во НАТО, не само затоа што знаеме дека државите и армиите на 29-те сојузници ќе бидат покрај нас и со нас, туку и за иднината на нашите деца и идните генерации.

Столтенберг ја поздрави македонската делегација и ги реафирмираше позитивните придобивки од сите наши досегашни реформски процеси, и посебно акцентираше дека веќе на сите состаноци со форуми на НАТО и ПС на НАТО сме поканети и третирани како полноправна членка. 

Во рамките на Комисијата за економија и безбедност, беше разгледан ревидираниот Предлог-Извештај за „Република Северна Македонија-политички промени, пристапување кон НАТО и економска транзиција", по што истиот на Пленарната сесија беше едногласно усвоен. По воведното излагање на Известителката, која апелираше за што побрзо финализирање на ратификационите процедури на Пристапниот протокол во преостанатите парламенти, таа истовремено потенцираше дека се додека статусот на Република Северна Македонија во ЕУ остане нерешен, земјата и понатаму ќе биде ранлива и затоа сега ЕУ е на потег да додели датум за отпочнување преговори. Свое излагање по Предлог-Извештајот даде заменик-членот на Делегацијата Африм Гаши, оценувајќи го за балансиран и реален. Истакна дека оваа година, по потпишувањето на Пристапниот протокол во Брисел на 6 февруари, се постигнаа значајни стратешки заложби што земјата ги гради повеќе од 20 години. Од економски аспект, сите сме свесни за влијанието што членството во НАТО го има врз домашната економија, порастот на странските инвестиции, иновациите, намалување на стапката на невработеност особено кај младите луѓе, како и севкупен екномски раст. Пратеникот Гаши се заложи кај своите колеги, особено кај оние парламентрци од преостанатите 6 земји-членки на НАТО, да се ангажираат во своите парламенти за што побрза ратификација на Пристапниот протокол за да се финализира процедурата за полноправно членство. Воедно, ја истакна важноста и од поавансиран пристап кон нашите европски интеграции, бидејќи сега е веќе крајно време ЕУ да ги препознае и валоризира резултатите од речиси 15 годишниот кандидатски статус и континуирана реализација на реформската агенда. 

На седницата на Постојаниот комитет, во кој членуваат само шефовите на делегациите на земјите-членки на НАТО, нашата делегација од оваа година започна да биде редовно поканувана како полноправна земја-членка, меѓу другите точки, беше разгледана Информацијата за Процесот на ратификација на Пристапниот протокол. Претседателката Мун информираше за статусот на ратификации, при што беше истакнато дека поради изборите во Шпанија, истата нема да може да се финализира пред Лидерскиот состанок во Лондон. Ратификационата постапка треба да ја завршат уште 6 парламенти и се очекува на почетокот на 2020 Република Северна Македонија да го стекне статусот на 30-та земја-членка на НАТО. 

 

На седницата на Политичкиот комитет на парламентарците се обрати Доминик Раб, државен секретар за надворешни и прашања на Комонвелтот на Обединетото Кралство. Во препознатлив манир на британската надворешна политика, Раб опфати повеќе актуелни предизвици пред кои е соочена НАТО Алијансата: 70-годишнината на нејзиното постоење-што се постигна, а кои фундаментални приниципи преостанаа за целосна реализација, мисиите на НАТО ширум светот, руското влијание, хибридните војни, дезинформациите и актуелните случувања во Сирија.

На Пленарната сесија се обрати Медлин Мун, претседател на ПС на НАТО, која во пресрет на одбележувањето на 70-годишнината од НАТО Алијансата, ги цитираше зборовите на поранешната британска премиерка Тачер дека историски, таа е најуспешната и најефективната меѓународна организација. Се осврна на модерните предизвици пред кои е исправена Алијансата, на долготрајната борба против тероризмот и особено ИСИЛ, непријателската пропаганда, влијанието на Русија во меѓународната политика, но и на хуманитарните аспекти од воените мисии. Инвестирањето во мирот на Блискиот исток и Медитеранот остануваат императив во идните активности на ПС на НАТО и на Алијансата во целина.  



Click