Активности

Среда, 13 ноември 2019 година

Пратеничката Кузмановска на Конференција за зајакнување на соработката помеѓу Парламентите и Државните ревизорски институции

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска учествува на Регионална конференција на тема: Стратегии и технички пристапи за зајакнување на соработката помеѓу Парламентот и Државната ревизорска институција.

Конференцијата се одржува од 12 до 14 ноември 2019 година во Подгорица, Република Црна Гора, во организација на Светска банка, а поддржана од Швајцарскиот државен секретаријат и Европската Комисија. 

На конференцијата беа споделени информации за спроведување на целите зацртани во индивидуалните акциски планови договорени на Конференцијата одржана во месец мај 2019 година во Тирана, се разменија практики, искуства и технички пристапи за зајакнување на соработката помеѓу Парламентот и Државната ревизорска институција. Исто така се дискутираше како да се зголемат придобивките од меѓусебната соработка, особено кога предмет на ревизија се специфични субјекти, како што се претпријатија во државна сопственост.

Во своето обраќање Кузмановска потенцираше дека е многу важно сите политички чинители да ја разберат улогата на државната ревизија во остварувањето на надзорната функција на Собранието. Државниот завод за ревизија е продолжена рака на Собранието во процесот на контрола и надзор на трошењето на јавните средства. Собранието треба да ги преземе сите неопходни мерки за да овозможи непречено функционирање на Државниот завод за ревизија, а со цел поголема транспарентност, отчетност и надзор над работата на извршната власт. Во целиот процес двете институции треба меѓусебно да соработуваат и да се поддржуваат со цел да се обезбеди поголема ефикасност во трошењето на јавните средства, што е во интерес на сите граѓани. 

Кузмановска изрази надеж дека кај нас што поскоро ќе се обезбедат потребните услови за да продолжи процесот на зајакнување на соработката помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија и да започне постапката за разгледување на конечните ревизорски извештаи.



















 

Click