Активности

Четврток, 18 април 2019 година

Работен состанок на Управувачкиот совет за реализирање на Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се одржа работен состанок на Управувачкиот совет за реализирање на Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“. На состанокот присуствуваа претседателот на Собранието, Талат Џафери; потпретседателите Горан Мисовски, Фросина Ташевска-Ременски и Весел Мемеди; генералната секретарка Цветанка Иванова; швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада и претставници на Националниот демократски институт (НДИ).

Програмата, поддржана од Швајцарија, е наменета за помош на Собранието во подобрување на институционалниот кредибилитет и довербата меѓу јавноста преку застапување на интересите и потребите на граѓаните и преку дебата и одлуки до кои се доаѓа на поинклузивен и консензулален начин.

Амбасадорката Сибил Зутер Техада упати честитка за формирањето на Управувачкиот совет и за добрата волја на членовите за соработка, во насока на зголемување на транспаретноста, ефикасноста и демократијата на Собранието како клучна институција во секоја земја.

Во овој контекст на зајакнување на улогата на Собранието, се надоврза Роберт Скот Хејзлет од НДИ, кој предложи посети на други европски парламенти, со цел размена на искуства за примена на најдобрите практики.

Претседателот Џафери понуди предлог-деловник за работа на овој Управувачки совет, за кој би се разговарало на наредниот состанок, во присуство и на координаторите на Пратеничките групи, после претстојните претседателски избори.

Генералната секретарка Иванова, од своја страна, предложи да се направи листа на приоритети по кои ќе се движи реализацијата на овој важен и сериозен Проект, во функција на демократизацијата, што ќе остави видлива трага во Собранието.

Десетгодишната Програма ќе ги подржи напорите за независност на Собранието, преку градење консензус, структурни реформи и капицитети за институционален развој, неговата законодавна и надзорна улога, институционална транспарентност и отчетност.

Програмата ќе биде имплементирана од НДИ, во соработка со локалните организации Центар за управување со промени и Институтот за демократија Социетас Цивилис.