Активности

Вторник, 18 декември 2018 година

Средба на г. Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија со г. Џеорџе Чиамба, министер делегиран за европски прашања во Владата на Романија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денес оствари средба г. Џеорџе Чиамба, министер делегиран за европски прашања во Владата на Романија, кој престојува во официјална посета на Република Македонија по повод преземањето на претседавањето со Советот на Европската унија од јануари идната година. 

Претседателот на Собранието, г. Џафери, на почетокот на средбата изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Романија, кои ги карактеризира висок степен на пријателство со конструктивен и отворен политички дијалог, заснован врз партнерски однос и взаемно почитување. Тој нагласи дека оваа средба претставува поттик за понатамошен развој на меѓупарламентарната соработка меѓу двете пријателски земји на сите парламентарни нивоа, како на ниво на претседатели на парламенти (за што веќе се упатени покани до романските колеги), така и меѓу Групите за соработка во двата парламента. 

Претседателот Џафери нагласи дека, билатералните односи и соработка на двете земји на мултилатерален план континуирано се унапредуваат и збогатуваат, при што високо се цени ангажманот и посветеноста на Романија за полноправно членство на Република Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската унија. Во таа насока, го информираше соговорникот за актуелниот процес на уставните измени како финализација на имплементацијата на Преспанскиот договор. 

Министерот Чиамба ја поздрави успешната работа на Собранието на Република Македонија во целокупниот процес сврзан со Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција како клучен сегмент во пошироката цел - Република Македонија како земја - членка на НАТО и Европската унија. Информираше за подготовките на Романија за преземањето на претседавањето со Советот на Европската унија од јануари 2019-та година, нагласувајќи притоа дека проширувањето на ЕУ и натаму останува високо на агендата на Романското претседавање. Планирани се голем број конференции, меѓународни форуми и други придружни настани, при што ќе се обрне големо внимание и на парламентарната димензија, а за поттик на визијата на младата генерација ќе се организира една помирувачка конференција која треба да даде пример на државите од Западен Балкан, според германско - францускиот помирувачки процес. Господин Чиамба упати отворена покана за учество на сите парламентарни настани, кои заедно со сите останати активности, ќе го сочинуваат Романското претседавање со Советот на Европската унија. Тој исто така информираше дека има еден пратеник со македонско потекло во Романскиот парламент, а највисоките државни институции на Романија неодамна донеле одлука 8-ми декември пригодно да се одбележува како Ден на македонскиот јазик во Романија. 

Двајцата соговорници споделија позитивни видувања за Договорот за соработка во областа на образованието, науката, културата, медиумите, младите и спортот, кој е потпишан меѓу двете влади во 2013-та година и веќе е ратификуван од страна на Романскиот парламент, при што претседателот Џафери изрази заложба за негова скорешна ратификација во Собранието на Република Македонија.     

Click