Активности

Среда,  21 февруари 2018 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со Меѓународниот монетарен фонд

Претседателот и членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија одржаа средба со Стивен Симански, претставник на Меѓународниот монетарен фонд.

На средбата беа разменети мислења за фискалните цели, фискалната одговорност и фискалната транспарентност во Република Македонија, како и за заложбите за формирање на Фискален совет.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска му посака срдечно добредојде на г. Симански и истакна дека заложба на сите политички чинители во Република Македонија е да постои поголема транспарентност во креирање на фискалните политики, како и во трошењето на јавните средства. Претседателката Кузмановска посочи дека во функција на зголемување на транспарентноста потребно е Фискалната стратегија, која Владата ја доставува до Собранието на Република Македонија, да се усвојува од страна на Собранието пред донесувањето на Буџетот за наредната година. Со ова ќе се овозможи буџетската дебатата да започне многу порано и би се подобрил целокупниот буџетски процес.

Претставникот на ММФ посочи дека е присутен во Република Македонија со цел да помогне при воспоставување на фискални правила и формирање на Фискален совет во државата. Владата на Република Македонија се заложила да формира Фискален совет, во функција на поголема одговорност и транспарентност при водење на фискалните политики, а Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ја даде потребната поддршка. Фискалниот совет треба да биде независно тело кое ќе обезбеди непристрасни оценки, информации и податоци за фискалната политика која ја води Владата. Членовите на овој Совет треба да бидат политички независни и со соодветно работно искуство во финансиската област. 

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Лилјана Кузмановска, истакна дека постои поддршка за формирање на Фискален совет како независно експертско тело. Истовремено, г-ѓа Кузмановска информираше дека се планира формирање на Буџетска канцеларија која, исто така, ќе врши анализи на фискалните документи на Владата, па оттука се наметнува прашањето дали нема да дојде до преклопување на надлежностите и функциите на овие две тела.

Во дискусијата учествуваа пратениците г. Драган Цуклев и г-ѓа Кети Смилеска.

На крајот средбата беше позитивно оценета и се изрази благодарност за поддршката која  Меѓународниот монетарен фонд ѝ ја дава на Република Македонија.

Click