Активности

Петок, 15 ноември 2019 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со претставници на Меѓународниот монетарен фонд

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Северна Македонија вчера одржаа средба со претставници на постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во Република Северна Македонија.

На  средбата беа разменети мислења за Фискалната стратегија на Република Северна Македонија за периодот 2020-2022 година, Ребалансот на Буџетот за 2019 година и проекциите на Предлог-Буџетот за 2020 година.

Од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет беше изразено задоволството од можноста за одржување на средба со претставници на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд при што беа изнесени следните мислења.

Се истакна дека една од главните надлежности на Комисијата за финансирање и буџет е разгледување на Ребаланс на Буџетот и Предлог буџетите за одредени фискални години. Комисијата согласно своите надлежности врши и контролна функција. Имено, Комисијата ја разгледува Завршната сметка на Буџетот и Годишниот извештај за работата на Државниот завод за ревизија и тоа претставува еден вид на парламентарна контрола на трошење на јавните финансии. Со поднесување на амандмани од страна на пратениците на Предлог буџетите и Ребаланс на буџетите и нивно усвојување од страна на Комисијата за финансирање на буџет се врши одредена реалокација на средства од првично проектираните. Се изнесе дека во Предлог Буџетот за 2020 година се издвоени значителни средства за социјални трансфери, а исто така и за развојни проекти.

Беше изнесено дека со Фискалната стратегија е предвиденоо стабилизирање и намалување на висината на јавниот долг.  Во 2016 година висината на јавниот долг изнесуваше 50,1% од БДП и по препораките на Меѓународниот монетарен фонд за потребата од намалување на неговата висина, Владата презеде мерки со кои се намали јавниот долг. Имено, во 2018 година се изврши предвремено отплаќање на на дел од еврообврзницата која беше издадена во текот на 2015 година, а истата требаше да доспее во месец декември 2020 година. Новите задолжувања се со значително пониски каматни стапки во споредба со задолжувањата кои се правеа во изминатите години. Со Ребалансот за 2019 година се намалија средствата за капитални инвестиции кои од разни причини не можеа да се реализираат до крајот на годината. 

Се истакна дека со Предлог Буџетот за 2020 година се издвојуваат значителни средства за вложување во човечкиот капитал, за да се мотивира помладата популација да не се иселува во странство. Тоа е проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот. Од тие причини се инвестира во образованието, здравството, но исто така и за поддршка на приватниот сектор за да се зголеми продуктивноста кај вработените. Беше изнесено мислење дека поради долгите бирократски процедури процентот на реализираните капитални инвестиции не е на задоволително ниво и отстапува од првично проектираните капитални проекти. 

Исто така, се истакна дека со Предлог Буџетот за 2020 година се предвидува вкупниот износ на задолжувања во 2020 година да изнесува 1 милијарда евра, од кои 600 милиони евра надворешно задолжување, а 400 милиони евра на домашниот пазар. Буџетскиот дефицит за 2020 година е проектиран на 2,3% од БДП, или околу 300 милиони евра. Со мерките кои ги презема Владата со Ребалансот за 2019 и Предлог Буџетот за 2020 година се врши значително отстапување од заложбите на Владата за стабилизирање на финансиската состојба во одредени сектори. Една од препораките на ММФ во изминатиот период беше стабилизирање на состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување при што се пристапи кон покачување на стапките на придонесите. За 2020 година предвидено е зголемување на пензиите што ќе предизвика дополнителен товар врз Буџетот во износ од 40 милиони евра. Се постави прашање дали сите предвидени покачувања на плати, пензии и други социјални трансфери кои се содржани во Предлог БУџетот за 2020 година се одржливи на подолг период и дали овие мерки ќе предизвикаат негативни ефекти врз управувањето со јавните финансии. 

Беше изнесено дека со мерките кои се спроведуваат последните две години се изврши стабилизација на висината на јавниот  долг. Инвестирани се значителни средства во капитални проекти (гасификација на земјата, водоводни системи, патишта), на транспарентен начин се помагаат домашните и странските компании. Се искажа очекување дека на крајот од 2019 година растот на БДП ќе изнесува 3,6%, а во 2020 година да биде уште повисок. Со Ребалансот на Буџетот се изврши пренамена на средства од капиталните инвестиции кои не можеа да се реализираат до крајот на 2019 година и истите беа инвестирани во проекти за заштита на животната средина. Извршена е целосна реформа за начинот и кои лица кои добиваат социјална помош. Во изминатите години детски додаток добиваа од 3.000 до 4.000 деца, а сега корисници на овој додаток се 73.000 деца.

На крајот средбата беше позитивно оценета со надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина бидејќи овозможуваат размена на мислења и запознавање со политиките кои се преземаат како од страна на Република Северна Македонија така и од Меѓународниот монетарен фонд.





Click