Активности

Вторник, 17 октомври 2017 година

Средба на Комисијата за транспорт, врски и екологија со еврокомесарката Виолета Булц

Комисијата за транспорт, врски и екологија одржа средба со еврокомесарката за мобилност и транспорт, г-ѓа Виолета Булц. На средбата присуствуваше и г. Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

Тема на средбата беше Агендата на поврзување: тековни транспортни реформи и проекти, безбедност на патиштата, општа соработка; Договор за транспортна заедница, очекувања и придобивки. 

Претседателката на Комисијата за транспорт, врски и екологија г-ѓа Лилјана Затуроска им посака срдечно добредојде на уважените гости, ги претстави членовите и замениците на Комисијата и информира кои прашања ги разгледува Комисијата.

Еврокомесарката Булц ги сподели ставовите во секторот на транспортот и укажа на елеменетите коишто треба да се надминат за да се вклучи Република Македонија во европските трендови. Зборуваше за основните цели во транспортот, а тоа се ефикасноста и конективноста помеѓу земјите членки и соседството. Упати пофални зборови за потпишувањето на Договорот за транспортна заедница, којшто со својата содржина нуди нова регулаторна рамка, нова структура со која се вклучува европското право. Истакна дека при потпишувањето на Договорот во Трст, Република Македонија доби најголема сума на средства во однос на целиот Западен Балкан и нагласи дека трансферот во железниците е од суштинска важност за Европската Унија. На крајот од излагањето, г-ѓа Булц упати порака дека Република Македонија треба да соработува со соседните земји.

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Затуроска, истакна дека Република Македонија е исклучително посветена на ефикасноста, поврзаноста и безбедноста во транспортниот систем, а со развојот на транспортниот систем и тенденцијата на добро поврзување во регионот и Европската Унија би имала свој бенифити.

На средбата беа разменети мислења, ставови и прашања за транспортните реформи и проекти, осврнувајќи се на Коридорите за поврзување на Република Македонија и регионот. Во дискусијата учествуваа пратениците: г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Соња Мираковска, г. Панчо Минов, г. Благоја Деспотовски и г. Илија Димовски.

Click