Активности

Вторник, 9 април 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г. Андреј Данко, спикер на Националниот совет на Словачката Република

Во рамките на Конференцијата на претседатели на Парламенти на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство, која се одржува во Виена,  Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија г. Талат Џафери оствари билатерална средба и со г. Андреј Данко, Спикерот на Националниот Совет на Словачката Република.

На средбата г. Џафери изрази благодарност за отворената и континуирана билатерална поддршка, особено за ратификацијата на протоколот за полноправно членство во НАТО на Република Северна Македонија, за што минатата недела  гласаше огромно мнозинство во Народната Рада на Словачка. Тој информираше дека стапувањето во сила на Преспанскиот договор ја покажува јасната определба на Република Северна Македонија за унапредување на регионалното помирување и добрососедските односи, а ја истакна и посветеноста на исполнување на задачите од реформската агенда и постигнување видлив напредок на европскиот пат.

Претседателот на Националниот Совет на Словачката Република го поздрави постигнувањето на договорот со Грција како храбар, стратешки чекор и како јасен сигнал до меѓународната заедница дека земјата е спремна да се справува со предизвици. Во однос на проширувањето на Европската унија, спикерот Данко, изрази поддршка за интегрирањето на земјите од Западен Балкан и нагласи дека процесот треба да продолжи и покрај внатрешните проблеми на Унијата, како што е Брегзит. Претседателот Џафери побара поддршка од својот колега во врска со добивањето на датум за почеток на преговорите за Република Северна Македонија во јуни оваа година, како силен импулс за продолжување со реформскиот курс.

Двајцата соговорници ја оценија како успешна и соработката во однос на мигрантската криза, а со цел унапредување на билатералната соработка, претседателот Џафери му упати покана на колегата Данко во наредниот период да ја посети Република Северна Македонија.