Активности

Понеделник, 29 јули 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Шаланда Јанг, директор на Секторот на Комисијата за буџет во службата на Претставничкиот дом на САД и г-ѓа Кристи Џ.Антони, раководител на Одделот за буџетско планирање  

На денешната средба на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со делегацијата на претставниците од буџетскиот сектор во Претставничкиот дом на САД, г-ѓа Шаланда Јанг и г-ѓа Кристи Џ.Антони, беа разменети неколку информации и мислења на претседателот околу нашата заедничка понатамошна определба за осамостојување на Собранието на Република Северна Македонија како највисок законодавен дом и негова поголема самостојност во рамките на политичкиот систем на земјата. 

Имено, посакувајќи им добредојде на гостите, претседателот Џафери ја истакна досегашната силна и интензивна комуникација и соработка со Претставничкиот дом на САД и изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина. Осамостојувањето на Собранието и неговата поголема независност од другите власти, претседателот на Собранието  ја гледа од аспект на административна, буџетска и безбедносна самостојност. Од буџетски аспект, би се намалило во иднина политичкото влијание на Владата врз одлуките на Собранието, додека пак од административен аспект, би се зголемила буџетската слобода во носењето одлуки за вработените во Собранието, односно собраниската администрација, која би била помотивирана за подобро и поквалитетно извршување на своите обврски, истакна претседателот на Собранието на Република Северна Македонија. Од безбедносен аспект, претседателот информираше дека во координација со Министерството за внатрешни работи ќе се побара најдоброто можно решение. 

„Што се однесува на нашиот евроатлански пат, чекориме напред и како што знаете, пред вратите на НАТО сме и очекуваме на самитот на НАТО во Лондон на крајот на годинава да станеме 30-та членка а оптимисти сме дека во октомври ќе добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ“ рече претседателот Џафери.   

Гостите од Претставничкиот дом на САД се заблагодарија за средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери и исто така изразија задоволство од досегашната соработка, потврдувајќи притоа дека не е лесно да се раководи со институција како што е Собранието без притоа да се има поголема независност од извршната власт и му упатија честитки на претседателот за досегашното раководење. Исто така изразија спремност  да на средбите кои ќе ги имаат овие денови во Собранието со претставници од финансискиот сектор, да разменат искуства и да дадат колку што можат поголем придонес во понатамошното јакнење на буџетската институционална независност на Собранието.

На крајот соговорниците се согласија дека соработката со Претставничкиот дом на САД на сите нивоа треба да продолжи и понатаму.

Click