Активности

Вторник, 17 октомври 2017 година 

Средба на претседателот Џафери со г. Халид Ал-Маавали, претседател на Консултативниот совет на Оман

Во рамките на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 14 до 18 октомври 2017 година во Санкт Петербург, Руска Федерација, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари билатерална средба со г. Халид Ал-Маавали, претседател на Консултативниот совет (парламентот) на Оман.

Со оглед на фактот што ова е прва официјална средба меѓу парламентарци од Република Македонија и Султанатот Оман, двајцата претседатели на парламенти се согласија дека средбата ќе претставува поттик за продлабочување на билатералната соработка меѓу парламентите и владите на двете земји.

Претседателот Џафери изрази задоволство што дипломатските односи меѓу двете земји се воспоставени под уставното име на Република Македонија и констатираше дека скорешното назначувањето на вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Султанатот Оман, кој нерезидентно ја покрива земјата од МНР Скопје, ќе придонесе за натамошно продлабочување на меѓусебната соработка. Истакнувајќи дека како претседател на Собранието на Република Македонија придава големо значење на парламентарната дипломатија, г. Џафери го извести г. Ал-Маавали дека во Собранието повторно е формирана Пратеничка група за соработка со земјите од Блискиот и Средниот Исток. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, уверен дека стратешките приоритети на Република Македонија за членство во ЕУ И НАТО се општо познати, истакна дека новоизбраната влада ги интензивира односите со соседните земји, а со посредство на ООН, се обидува да изнајде заеднички прифатливо решение за спорот со името, што преставува единствената пречка за членство на нашата земја во евроатланските структури. 

Господин Халид Ал-Маавали се осврна на состојбата на Средниот Исток и улогата што Султанатот Оман ја има како медијатор и олеснувач меѓу завојуваните страни во регионот.

Соговорниците се согласија дека потпишувањето на Договорот за одбегнување на двојно оданочување и Договорот за поттикнување и заштита на инвестиции помеѓу Република Македонија и Султанатот Оман ќе даде импулс во унапредување на економската соработка меѓу двете земји, меѓутоа постојат уште многу можности за унапредување на соработката на полето на образованието, здравството, културата и трговијата, за што е потребна поширока формално-правна рамка.

Во однос на разрешувањето на глобалните предизвици, тие изразија уверување дека само со директна комуникација може да се надминат сите недоразбирања и да се избегнат конфликтите, а дијалогот претставува единствено средство за постигнување на компромис.

На крајот на средбата, г. Џафери и г. Ал-Маавали разменија покани за заемни посети на двете земји, како значаен чекор за продлабочување на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Султанатот Оман.  

Click