Активности

Четврток, 17 јануари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со г. Романо Проди, добитник на Светската награда за хуманизам за 2019  

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери имаше средба со г. Романо Проди, кој што актуелно е универзитетски професор а претходно два пати бил премиер на Италија и бил поранешен претседател на Европската комисија. Повод за оваа средба е номинирањето на г. Проди за добивање на овогодинашната Светска награда за хуманизам, награда востановена од Охридската академија за хуманизам и која му се доделува за неговиот уникатен придонес кон перспективата на модерната цивилизација. 

Претседателот Џафери во својот вовед нагласи дека оваа награда доаѓа во право време, кај вистинскиот човек, имајќи на ум дека г. Проди беше дел од претседателството на Европската Унија во навистина критичните моменти за нашиот регион, и ова е крунисување на неговиот хуман придонес. Во продолжение, претседателот на Собранието го информираше соговорникот за актуелните политички развои, односно за ангажманот на новата владина коалиција за воспоставување добрососедски односи со соседите, со цел непречено одвивање на евроатланските интеграции на земјата на што г. Проди потврди дека Република Македонија треба повторно да биде ставена во првиот ред за пристапување во Европската Унија, затоа што процесот е веќе одамна почнат и сега само треба да се продолжи а тој ќе го искористи сиот свој капацитет во таа насока. 

Претседателот Џафери потврди дека сега сите сили ќе се насочат кон затворање на поглавјата и кон економските прашања затоа што, кога политиката отвора пат на економијата, тогаш придобивките се реални и видливи за граѓаните. Г. Проди, воден од своето искуство, се согласи дека малите земји уште повеќе ги чувствуваат придобивките од членството во Унијата.

Click