Активности

Среда, 13 март 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО КАЛИН ПОПЕСКУ ТАРИЧАНУ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СЕНАТОТ НА РОМАНИЈА И ФЛОРИН ЈОРДАКЕ, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА РОМАНИЈА

По ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО алијансата во Сенатот на Романија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, оствари високи билатерални средби од кои првата беше со Претседателот на Сенатот на Романија, г. Калин Попеску Таричану.

Домаќинот му посака топло добредојде на претседателот Џафери и воедно упати честитки до Република Северна Македонија за напредокот и заокружените рефорсмки процеси. Тој истакна дека денешната едногласна одлука на Сенатот за поддршка на членството на нашата земја во алијансата уште еднаш ја потврдува силната заложба на Романија, Република Северна Македонија да стане полноправен член на Алијанса и да добие датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, особено за време на претседавањето со Советот на ЕУ. 

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, искажа благодарност за поддршката од Сенатот на Романија, која поддршка денес се запечати со едногласното гласање за ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО. Тој подвлече дека Република Северна Македонија ја смета Романија за пријателска земја која може да придонесе во размена на искуства и експертиза во однос на одговорностите кон НАТО како земја членка, и во однос на процесот за отпочнување на преговорите со ЕУ.

На средбата пак со потпретседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Романија, г. Флорин Јордаке, особено внимание се посвети на зајакнувањето на билатералната и мултилатералната соработка меѓу Романија и Република Северна Македонија. Потпретседателот Јордаке истакна дека, средбата ја гледа како поттик за понатамошен развој на меѓупарламентарната соработка меѓу двете земји, која се карактеризира со висок степен на пријателство и конструктивен дијалог.

Претседателот Џафери подвлече дека одличната соработка меѓу двата парламенти треба да продолжи и во иднина и истакна дека секогаш постои простор за интензивирање на комуникацијата и соработката, посебно на ниво на Пратеничките групи за соработка во двата парламенти. Тој се заблагодари за поддршката што ја добиваме од Романија и го информираше потпретседателот Јордаке за ратификацијата на Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, науката, културата, мас-медиумите, младите и спортот во Собранието на Република Северна Македонија.

За време на средбите, од романска страна присуствуваше и пратеничката во романскиот парламент со македонско потекло, г-ѓа Маријана Венера Попеску. Претседателот Џафери упати покана до домаќините за возвратна посета на Република Северна Македонија. 

Click