Активности

Понеделник, 14 октомври 2019 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан 

Во рамките на 141. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува во Белград, Република Србија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Дејан Жидан.

Претседателите на парламентите на Северна Македонија и Словенија се согласија дека оваа средба претставува уште една потврда на одличните билатерални односи меѓу двете држави, кои во континуитет се пријателски и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство, долгогодишна конструктивна соработка и поддршка на билатерален и мултилатерален план.

Претседателот Џафери изрази задоволство што парламентарната соработка меѓу двете земји бележи постојано унапредување и зголемен интензитет, за што говорат бројните посети на пратениците и претставниците на службата на Собранието на Република Северна Македонија во Државниот збор на Република Словенија. Тој се осврна и на позитивниот тренд во развојот на билатералните односи меѓу двете земји, со остварени бројни средби на високо ниво и динамизирање на политичкиот дијалог. Претседателот на Собранието искажа благодарност што Република Словенија континуирано активно ја поддржува Република Северна Македонија во остварувањето на нејзините стратешки цели за членството во НАТО и ЕУ, како и за брзата ратификација од страна на словенечкиот парламент на Пристапниот протокол за членство на нашата земја во НАТО.

Претседателот на Словенечкиот парламент Жидан, изрази задоволство од средбата во рамки на маргините на ИПУ и истакна дека меѓу двете земји постои долгогодишна традиција на пријателски односи на билатерално и мултилатерално ниво. Тој се осврна на зајакнувањето на економската соработка и присуството на странските инвестиции во земјата и регионот како алатка за соработка и поддршка на нашата земја на нејзиниот пат кон НАТО и ЕУ.  

Џафери и Жидан се осврнаа и на Берлинскиот процес, како силен поттик за ЕУ перспективите на земјите од Западен Балкан, а со кој во моментов заеднички претседаваат  Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Стана збор и за билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Словенија, при што беше оценето дека во повеќе области постои голем потенцијал за интензивирање на одличната соработка, а особено во делот на економијата, земјоделието, енергетиката, индустријата, образованието и културата. 

Соговорниците изразија надеж дека соработката меѓу пратениците од двете земји уште повеќе ќе се продлабочи, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Click