Активности

Понеделник, 5 ноември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Националниот совет на Република Австрија, г. Волфганг Соботка 

Денеска претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, го прими во неговиот кабинет г. Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Република Австрија, кој престојува во еднодневна официјална посета на нашата земја. 

На средбата, двајцата високи државници се согласија дека меѓусебните односи се многу добри и се заложија за понатамошно и континуирано одржување и надградување на постојните односи, како на парламентарно, така и на државно ниво.

Претседателот Џафери го информираше својот хомолог за активностите во Собранието и  за последните актуелности на нашата политичка сцена и воедно се заблагодари на безрезервната поддршка што Република Австрија ја дава на Република Македонија во нејзините напори за интегрирање во евроатланските структури, поддршка која што е поткрепена и со Стратегијата на Европската комисија за Балканот, меѓутоа и со актуелната улога на претседавач со Европската Унија. 

Господин Соботка го покани претседателот Џафери во официјална посета на Република Австрија, на којашто посета се очекува двајцата претседатели на парламенти да потпишат Меморандум за разбирање, како основа за професионална соработка помеѓу службите на Собранието на Република Македонија и Националниот совет на Република Австрија. Поканата секако е добредојдена. 

Покрај билатералната средба, г. Соботка се потпиша и во Книгата за впечатоци и заедно со претседателот Џафери дадоа изјави за медиуми. Потоа, претседателот на Националниот совет на Република Австрија се обрати пред пратениците во законодавниот дом на Република Македонија.