Активности

Четврток, 12 јули 2018 година, Варшава

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Сенатот на Република Полска, г. Станислав Карчевски 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на покана на своите колеги од Парламентот на Република Полска, учествува на Третиот самит на претседатели на Парламенти од Централна и Источна Европа, како и на прославата на 550 години од првата седница на Сејмот на Полска. 

Пред официјалниот почеток на Самитот, претседателот Џафери оствари средба со домаќинот, г. Станислав Карчевски, претседател на Сенатот на Република Полска и на почетокот на средбата, изрази благодарност за конзистентната полска поддршка на реформските активности на земјата како и силната и реафирмирана поддршка на евроинтеграциските процеси на Република Македонија. 

Во оваа прилика, двајцата колеги разменија мислења за актуелните случувања во двете земји, соработката во рамките на меѓународните организации и можностите за отпочнување на нов вид соработка на земјите од овој дел од Европа. 

За време на средбата, претседателот Џафери подвлече дека се надева дека динамиката на взаемните посети на парламентарно и друго високо ниво ќе продолжи и понатаму, со акцент на продлабочувањето на заемните односи во сферите од заеднички интерес. Фактот што Полска ја поддржува Република Македонија е од особен интерес за нас, ако се има предвид нејзината важна улога во регионот, односно Република Полска е вклучена во Берлинскиот процес и следниот самит во 2019-та година ќе се одржи токму во Варшава.

Домаќинот, г. Карчевски, го поздрави присуството на претседателот Џафери на овој 3. Самит на претседатели на Централна и Источна Европа, и истакна дека ова е одличен знак за определбата и улогата на Република Македонија во регионот, а тоа е градење добрососедски односи и регионална соработка за градење заеднички политики и реализирање заеднички проекти во полза на граѓаните.

Обострано беше позитивно оценет досегашниот развој на билатералните односи и соработката меѓу двете земји, при што оваа година се одбележуваат и 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Овој јубилеј, заедно со јубилејот на 100- годишнината од осамостојувањето на Полска, се одлична можност за унапредување на меѓусебната соработка.  

Двете страни беа согласни дека отворањето на редовната авио линија Скопје –Варшава на полскиот национален превозник ќе придонесе во зајакнување на односите меѓу двете земји како на културно така и на економско ниво. 

Click