Активности

Понеделник, 22 октомври 2018 година, Прага  

Средба на претседателот Џафери со Радек Вондрачек, спикер на Домот на пратеници во Парламентот на Чешката Република

Во рамките на официјалната посета на Чешката Република, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со својот колега и домаќин, Радек Вондрачек, спикер на Домот на пратеници во Парламентот на Чешката Република. 

Претседателот Вондрачек го изрази своето задоволство од денешната средба и упати честитки до претседателот Џафери за успешното гласање во Собранието за пристапување кон уставни измени. Изрази надеж дека и во подоцнежните фази ќе се постигне единство и заедничка поддршка. Двајцата соговорници споделија мислење дека една од одговорностите на политичарите е да се издигнат над партиските интереси и да работат за интересите на граѓаните.   

Спикерот Вондрачек истакна дека Чешката Република и понатаму ќе остане силен партнер на Република Македонија и ќе се залага за финализирање на нејзиниот евроатлантски процес, а како членка на Вишеградската група, заедно со Полска, Унгарија и Словачка, смета дека Западниот Балкан мора конечно да се интегрира во ЕУ. 

Со цел да се даде уште посилен сигнал до земјите членки на ЕУ за побрзо евроинтегрирање на земјите од Западен Балкан, Чешкиот парламент е иницијатор на етаблирање на „Славковскиот формат”, каде во формат 24+, заедно со претседателите на Парламентите на Словачка, Австрија, Франција и Германија, како и останатите земји членки на ЕУ, следниот месец ќе разговараат за членството на Западен Балкан во ЕУ. Свесни за постоење на евроскептицизмот, целта е да се убедат сите земји членки на ЕУ цврсто да застанат зад евроинтегративните аспирации на државите од Западен Балкан и да покажат конкретен и значаен гест на заедништво и конструктивност.

Претседателот Џафери го запозна својот колега со активностите во Собранието во постапката на уставните измени, како и со процесите на евроатлантската интеграција. Истакна дека особено внимание треба да посветиме на јакнењето на соработката меѓу Собранието на Република Македонија и Парламентот на Чешката Република, преку заемни посети на Пратеничките групи за соработка, Комисиите за одбрана, надворешна политика и европски прашања. Чешкото искуство во процесот на зачленување во ЕУ и НАТО се драгоцени и може да бидат од голема корист за нашето Собрание. Веруваме и во понатамошна пријателска и отворена соработка на ниво на нашите делегации во Парламентарните собранија на НАТО, Советот на Европа, ОБСЕ и други, со цел успешно презентирање на виталните интереси на Република Македонија на меѓународен план. 

Двајцата соговорници истакнаа дека ќе дадат поддршка на секоја иницијатива за натамошна конструктивна соработка меѓу пратениците од двата Парламента, меѓу Парламентарните институти, кои се во функција на квалитетно извршување на пратеничката функција и на размена на искуства од парламентарното работење, споделување и примена на добри практики. 

 

Претседателот Џафери во Чешкиот парламент

Изјава на претседателот Џафери во Чешкиот парламент

Click