Активности

Среда, 2 октомври 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ВИСОКИОТ КОМЕСАР ЗА НАЦИОНАЛНИ МАЛЦИНСТВА НА ОБСЕ, ЛАМБЕРТО ЗАНИЕР

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

Претседателот Џафери нагласи дека во Република Северна Македонија високо се цени константната соработка и ангажманот на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ. Тој оцени дека земјата е на добар пат во целост да ги исполни одредбите на ОБСЕ, иако сè уште постојат одделни негативни перцепции, особено на ниво на локалните самоуправи. Претседателот Џафери нагласи дека, Собранието на Република Северна Македонија од 1993 година активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, а во 2016 година беше домаќин на Петнаесеттата есенска сесија на ова меѓународно собрание. Тој информираше дека Собранието тесно соработува и со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со цел зајакнување на парламентарната независност, надзорната функција и демократската улога. За интензитетот на соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и ОБСЕ, говори бројот на остварените средби со високи претставници на оваа Организација во изминатиот период.

Џафери истакна дека, Собранието на Република Северна Македонија останува отворено за соработка со Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ во поглед на остварувањето на заедничката цел - градење соживот и унапредување на меѓуетничката интеграција и толеранција во Република Северна Македонија.Високиот комесар Заниер нагласи дека за ВКМН работата со парламентите е од големо значење. Тој истакна дека неговата посета на Република Северна Македонија е по повод промоцијата на Стратегијата „Едно општество за сите и интеркултурализам“ и оцени дека, истата преставува позитивен концепт, изграден врз цврстите основи на Охридскиот рамковен договор. Потребни се дополнителни чекори за целосна интеграција во општеството, а Високиот комесар ќе ја охрабри Владата да ги вклучи сите заинтересирани страни во спроведувањето на Стратегијата. Тој информираше за средбите одржани во рамките на посетата, при што како позитивен го оцени новиот начин на интерпретација на политичките процеси во земјата.

Високиот комесар за национални прашања истакна дека ги следи меѓуетничките односи во целиот регион на ОБСЕ и заклучи дека, иако не постои идеален модел, во многу земји постојат добри примери.  Тој нагласи дека реформите во образовниот систем во Република Северна Македонија ќе останат во неговиот фокус, со оглед на значењето на инклузивното образование во развојот на идните генерации. Истовремено, Заниер изрази поддршка за активната улога на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ, укажувајќи дека ВКНМ тесно соработува со овој меѓупарламетарен форум.

На средбата стана збор и за интеграциските процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО, при што Високиот комесар Заниер изрази надеж дека очекуваната одлука од Советот на ЕУ ќе биде во вистинската насока за стабилноста на земјата. Започнувањето на преговорите со ЕУ, според Заниер ќе претставува можност за адресирање на сите отворени прашања во општеството.

Соговорниците изразија уверување дека и во иднина ќе продолжи плодната соработка меѓу Високиот комесар за национални прашања на ОБСЕ и институциите на Република Северна Македонија.

Click