Активности

Понеделник, 11 февруари 2019 година

Средба на претседателот Џафери со Комисијата за прашања на ЕУ, Комисијата за одбрана и Групата за пријателство во Државниот Збор на Република Словенија

Делегацијата предводена од претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, а во состав од претседателката на Пратеничката група за соработка со парламентот на Република Словенија, г-ѓа Нада Ципушева и членовите г-ѓа Фросина Ташевска Ременски и г-ѓа Шпреса Хадри, оствари средба со Комисијата за прашања на Европската унија, Комисијата за одбрана и Групата за пријателство во Државниот збор на Република Словенија.

На почетокот претседателот Џафери изрази задоволство за остварената средба со членовите на Комисијата која има клучна улога во однос на прашањата поврзани со Европската унија во Државниот збор на Република Словенија како и со претставници од Групата за пријателство. Групите за соработка односно за пријателство се уште еден доказ за интересот кој го имаат овие две земји меѓусебно.

Потпретседателот на Комисијата за прашања на ЕУ г. Милан Брглез,  и г. Матјаж Немец и посакаа добредојде на делегацијата и ја поздравија ратификацијата на „Преспанскиот договор“ и Спогодбата со Република Бугарија, како значајни чекори за унапредувањето на добрососедските односи, регионалната соработка но и како значајни елементи кои придонесуваат во процесот на проширување на Унијата. Тие истакнаа дека процесот до полноправно членство во Европската Унија е долг и сложен но изразија уверување дека Република Македонија со поддршка од нејзините меѓународни пријатели ќе успее да ги исполни сите предуслови и што поскоро ќе добие датум за отпочнување со преговорите со ЕУ.

Претседателот Џафери и членовите на делегацијата ги запознаа присутните со тековните активности во Собранието и со процесот на скрининг и усвојувањето на реформскиот пакет кој произлегува од Планот 3-6-9 и Планот 18, како мост кој ќе овозможи до јуни оваа година да добиеме датум за започнување со преговорите со ЕУ. Претседателот Џафери посвети посебно внимание на значењето и комплексноста на процесот на преговори, при што подвлече дека тука ќе биде потребно искуството и знаењето на Република Словенија. Тој исто така истакна дека со ратификацијата на Преспанскиот договор и со ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од сите национални парламенти на земјите членки во НАТО се очекува најдоцна до почетокот на следната година Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО со нејзиното ново име. Во оваа насока, г. Само Бевк, претседател на Комисијата за одбрана истакна дека членството на нашата земја во НАТО е голем придонес за безбедноста не целиот регион.

На крајот на средбата, се потенцираше значењето за зајакнување и интензивирање на соработката на парламентарно ниво во области кои се од заеднички интерес. Во таа насока, претставниците на Групите за соработка на двете земји нагласија дека ќе преземат иницијатива за развивање на комуникацијата преку која може да се реализираат заеднички активности од областa на економија, култура, животна средина. 

Click