Активности

Понеделник, 11 ноември 2019 година

Тркалезна маса на ИППГ: Јакнење на интер-секторската соработка за унапредување на изборните права на лицата со попреченост

Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности (ИППГ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и „Полио Плус – движење против хендикеп“ како технички комитет на ИППГ на 8 ноември 2019 година одржа тркалезната маса на тема „Јакнење на интер-секторската соработка за унапредување на изборните права на лицата со попреченост“.

Главна цел на настанот беше да се актуелизира дискусијата за ограниченото учество на лицата со попреченост во изборниот процес, како и за можните предлози за унапредување на интерсекторската соработка во насока на инклузија и остварување на нивните изборни граѓански и политички права.

Како воведничар на настанот пред  присутните се обрати потпретседавачот на ИППГ, пратеничката Јагода Шахпаска заедно со амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Свое излагање имаа и Нина Шуловиќ-Цветковска, национална програмска офицерка во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Кира Касталдо, советничка за избори од Канцеларија на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Татјана Арсовска од здружението „Инклузива“ и Звонко Шаврески, претседател на „Полио плус- движење против хендикеп“. Во дискусијата по однос на темата учествуваа пратениците членови на ИППГ Трајчо Димков, Мери Лазарова и Мирсада Емини Асани, претставник од Државната изборна комисија, како и претставници од повеќе граѓански организации посветени на унапредување на правата на лицата со различни видови попреченост.

Во дискусијата беше посочено дека правото на политичко учество според меѓународните стандарди за човекови права, односно правото да бираат и да бидат бирани се клучните граѓански и политички права на сите граѓани, вклучително и на граѓаните со попреченост. Од тие причини, овие лица треба да имаат право на целосно и рамноправно учество во политичкиот живот и изборите.

Во изминативе неколку изборни циклуси постои одредена раздвиженост кај политичките партии во препознавањето на лицата со попреченост како нивни членови и нивни идни кандидати. Благодарение на активноста на пратениците од ИППГ, на претседателските избори одржани оваа година две политички партии пристапија кон прилагодување на нивните пораки во различни формати за граѓаните со сензорна пореченост.  Државната изборна комисија спроведе обука на Изборните единици, како и обезбеди опрема за дел од објектите да станат пристапни за лицата со физичка попреченост.

И покрај овие чекори, во своите обраќања говорниците ги препознаа системските пречки кои оневозможуваат целосно учество на лицата со попреченост, вклучително и недоволната соработка помеѓу организациите на лица со попреченост и политичките партии, ограничениот пристап во средината и пристапот до информации, како и постоење на стереотипи и сервисите за поддршка. Воедно на средбата беа посочени и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост, како и општиот недостиг на соработка и учество на лицата со попреченост и нивната прифатливост од страна на сите актери во политичката сцена. 

На средбата беше заклучено дека во следниот период е потребно: 

  • Да се преземат сите неопходни мерки за зголемување на пристапот во обезбедување на изборните права, како и да се осигура вклученост на лицата со попреченост во изборните процеси;
  • Воспоставување на редовни обуки на политичките партии за недискриминација и соодветно приспособување, кои ќе се засноваат на пристапот на оневозможеност од аспект на човековите права, наместо традиционалниот медицински и милосрден пристап, земаќи ја во предвид и родовата димензија;
  • Со оглед на најавените промени во законската регулатива неопходно е да се организира јавна расправа за унапредување на правата на лицата со попреченост во изборниот законик;
  • ИППГ да организира средба со политичките лидери како би се обезбедила нивна заложба за промовирање на правата на лицата со попреченост и нивна поголема застапеност во идните изборни процеси;
  • Воспоставување и зајакнување на соработката на Државната изборна комисија со организациите на лица со попреченост;
  • Воспоставување и зајакнување на соработка меѓу политичките партии со организациите на лица со попреченост;
  • Да се обезбедат пристапни информации во заедницата за лицата со попреченост да можат да ги остварат своите изборни права;
  • Да се спроведат активности за градење капацитети кај сите чинители, вклучително и кај организациите на лица со попреченост, за препознавање и остварување на правото на учество во јавниот и политичкиот живот на лицата со попреченост.
Click