Активности

Вторник, 17 октомври 2017 година, Санкт Петербург

Учество на собраниска делегација на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија

Делегација на Собранието на Република Македонија, предводена од м-р Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија, учествува на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 14 до 18 октомври 2017 година во Санкт Петербург, Руска Федерација. Во состав на Делегацијата се пратениците: г. Јован Митрески, г. Реџаиљ Исмаили и г-ѓа Јулиана Николова, членови на Делегацијата и г-ѓа Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието на Република Македонија. 

На 137. Собрание на ИПУ  учествуваат околу 2000 претставници од над 150 земји членки на Унијата, како и деведесеттина претседатели на парламенти. Во фокусот на дебатата е промовирањето на културниот плурализам; одржувањето на мирот како средство за постигнување на одржлив развој; вклучувањето на приватниот сектор во имплементацијата на Целите за одржлив развој на ООН, особено во полето на обновливите енергии; 20-годишнината од Универзалната декларација за демократија на ИПУ; постигнување на највисоки стандарди во здравството преку науката и истражувањето и сл.Во рамките на 137. Собрание се одржа Паритетна дебата на тема: „Стегање на новчаникот: вршење на надзор за општ интерес“, на која се обрати пратеничката г-ѓа Јулиана Николова.

Таа оцени дека транспарентноста  во трошењето на јавните средства претставува значајна алатка која треба да придонесе за одговорно управување со јавните финансии. Парламентите треба да ја имаат функцијата контролор на трошењето на јавните средства од страна на извршната власт и за таа цел потребно е да располагаат со механизми кои ќе им ја овозможат контролната функција. Нагласувајќи дека улогата на парламентите во буџетскиот процес е различна во различни земји, при што некои парламенти имаат поголема моќ од други, таа се осврна на искуството во Република Македонија на овој план.Госпоѓа Николова информираше за процедурата за усвојување на буџетот, при што нагласи дека на седниците на Комисијата за финансирање и буџет се води обемна дискусија, на која се изнесуваат бројни мислења, сугестии, предлози, забелешки, а се поставуваат и многу прашања на кои одговор дава министерот за финансии.

Таа посочи дека Предлогот на буџетот можат да го разгледуваат и други заинтересирани комисии, меѓу кои и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, која го разгледува Предлогот на буџетот од родов аспект. Оваа комисија, како и Клубот на жени пратенички, во неколку наврати организираа работилници и дебати за родово буџетирање.

Собранието на Република Македонија и неговите комисии дебатираат и за измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија.

Пратеничката г-ѓа Николова се осврна и на контролата на Буџетот на Република Македонија согласно одредбите на Законот на државната ревизија, како и на контролата преку разгледувањето на Завршната сметка на Буџетот и институтот „пратенички прашања".

Таа, исто така информираше дека со цел зајакнување на финансиската автономија на Собранието на Република Македонија, во 2008 година, беше основан Буџетски совет. Оправданоста од конституирање на овој Совет произлегува од искуството на европските парламенти, според кое степенот на финансиската автономија е примарен за оценување на нивото на парламентарната автономија.

Интерпарламе¬н¬тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 173 национални парламенти и 11 меѓународни парла¬мен¬¬¬тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click