Активности

Четврток, 12 мај 2022, Филхармонија на Република Северна Македонија, Скопје

ОБРАЌАЊЕ НА ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ МИСОВСКИ НА СВЕЧЕНАТА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ЈУБИЛЕЈНАТА 60-ГОДИШНИНА ОД ПОСТОЕЊЕТО НА РСБСП

Почитуван Претседателе на Републиката, г. Стево Пендаровски,
Почитуван министер за внатрешни работи на Република Северна Македонија, г. Оливер Спасовски,
Почитувана претседателка на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, г-ѓа Гордана Кожуваровска,
Почитувани медиуми,
Дами и господа,

Имам чест и задоволство од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија, од име на претседателот Талат Џафери кој вечерва не може да присуствува на овој убав настан поради оправдани причини, и во мое лично име, да упатам честитки по повод јубилејната 60-годишнина на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Воедно ја користам приликата да упатам пофални зборови за нивната неуморна работа, да им посакам успех во нивните активности и секојдневен ангажман во водењето сметка за безбедноста на сите нас што сме секојдневни учесници во сообраќајот.

Почитувани,

Ако говориме за улогата и поврзаноста на Собранието и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, тоа е регулирано и санкционирано со закон со кој Советот, односно претседателот и членовите на Советот се именуваат во Собранието. Тоа е советодавно тело за Собранието од областа што ја покрива надлежноста на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и врз таа основа, Собранието има надзорна улога над неговата работа. Ние како законодавен дом, сознанијата ги стекнуваме преку Годишниот извештај за работа на Советот и тоа ни е водилка и основа за интервенции во законските норми кои ја покриваат сферата на безбедноста во сообраќајот, за да овозможиме нови решенија за едукација и вршење на надлежностите и согласно тоа, соодносот на Собранието и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата е взаемен и комплементарен.

Верувам дека заедно можеме да создадеме поповолни предуслови за заедничко безбедно учество на сите нас во патниот сообраќај и со тоа да придонесеме да има што помалку последици врз животот на учесниците во сообраќајот. 

Драги пријатели,

Тоа што автомобилската индустрија граби напред со невидена брзина, за жал, не значи дека и прилагодувањето на патната инфраструктура ја следи таа брзина. Истовремено, тоа не значи дека и ние, луѓето, стануваме побрзи, ниту дека на човечкиот живот му се намалува вредноста. Напротив, животот бил и отсекогаш ќе биде најскапоценото што го имаме, највредното што треба да го чуваме. Животот нема повторување или пак враќање назад како на филмската лента. Тој тече се додека не дојде крајот или не се прекине нагло поради надворешни фактори. Во сообраќајот, прекинот може да биде непредвидлив и согласно тоа и можноста за спречување да не постои, меѓутоа, во повеќето случаи, судејќи по статистиките, причинител е човечкото невнимание. Иако, според истите статистики и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди во Северна Македонија, безбедноста на сообраќајот на нашите патишта бележи тренд на подобрување, сепак Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и понатака треба да продолжи во насока на подигнување на јавната сообраќајна свест, култура и етика на сите учесници во сообраќајот, со посебен акцент и континуирано залагање на унапредувањето на сообраќајната едукација кај децата и младите, нашите најскапоцени. Сообраќајно-превентивното и едукативно дејствување е важна алка во процесот за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата а градењето на тој систем на општествени вредности е најсилниот инструмент за долгорочно подобрување на таа безбедност на сообраќајот на патиштата, а со тоа и за трајно намалување на последиците од сообраќајните незгоди.

Почитувани,

Дозволете на крај, да упатам една порака до сите учесници во сообраќајот, и повозрасните и помладите. Ние како возрасни, да бидеме повнимателни и посовесни за улогата и одговорноста што ја имаме за време на учеството во сообраќајот. А помладите, да ги прифатат советите на постарите, да се вклучат во воспитно-образовниот систем уште од најмала возраст, за да можат да ги научат правилата за безбедно учество во сообраќајот. Ценете го животот, ценете го секој миг, бидете внимателни, совесни и одговорни, како пешаци, како возачи, како велосипедисти и како сопатници во сообраќајот.

Животот, нека биде убаво патување за сите нас!

Ви благодарам на вниманието!

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.