Активности

Петок, 13 мај 2022 година

СРЕДБИ ВО ЗАГРЕБ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ, АЛЕКСАНДАР НИКОЛОСКИ

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Александар Николоски, на 12 и 13 мај 2022 година во Загреб, Република Хрватска, оствари средби со пратениците од Хрватскиот сабор - Гари Капели, претседател на Комисијата за надворешни работи; Маријана Петир, претседателка на Комисијата за земјоделство и член на Комисијата за европски прашања и со Горан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска.

На средбите во Саборот и МНР на Република Хрватска, Николоски беше придружуван од нашиот амбасадор во Загреб, проф. д-р Милаим Фетаи.

На одделните средби со пратениците Гари Капели и Маријана Петир, како и со министерот Радман, се разговараше за билатералните односи на двете држави, при што од сите соговорници се изрази задоволство за одличните и пријателски односи и дека постои простор за натамошно зајакнување на соработката во областа на економијата и трговската размена. Во процесот на пристапување во ЕУ, нашата држава може да ја очекува секоја потребна стручна и техничка помош од Република Хрватска.

Николоски се заблагодари на досегашната силна поддршка од Р.Хрватска, како и за понудената помош во иднина и силно апелираше државата што побрзо да ги започне преговорите со ЕУ. Николоски во дискусиите на средбите се осврна на предизвиците со кои се соочува државата во процесот на пристапување во ЕУ, потенцирајќи ја и големата одговорност кон граѓаните кои треба да бидат информирани за чекорите кои ги презема државата во процесот на интеграција во ЕУ. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.