Активности

Четврток, 30 септември 2021 година

Учество на пратеничките Стојчевска и Зендели на есенската сесија на ПС на СЕ во Стразбур

Бисера Костадиновска Стојчевска и Арта Биљали Зендели, членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), учествуваат на есенската сесија на ПС на СЕ што се одржува од 27 до 30 септември оваа година во Стразбур, Франција.

На оваа сесија, Собранието одржа итни дебати за ситуацијата во Авганистан, зголемениот миграциски притисок на границите на Летонија, Литванија и Полска со Белорусија и за нов нацрт протокол до Советот на Европска конвенција за компјутерски криминал за зголемена соработка и откривање електронски докази. 

Исто така, се одржа и дебата за тековните работи на тема „Западен Балкан помеѓу демократските предизвици и европските аспирации: каква улога има Советот на Европа?“.

Панел дискусијата на високо ниво, заедно со интерактивната дебата на тема „Животната средина и човековите права: право на безбедна, здрава и одржлива животна средина“, го претставуваат централниот дел на Сесијата, која се одржува во хибриден формат.

Извештаите, за кои се дебатираше, ги опфаќаат дејствувањата на Советот на Европа за зацврстување на „правото на здрава животна средина“ и начините за справување со климатските промени при што се констатира дека ќе биде потребна поголема партиципативна демократија, промени во кривичната и граѓанската одговорност и владеење на правото.

Други извештаи ја разгледуваа борбата  против нееднаквостите во правото на безбедна, здрава и чиста животна средина, климата и миграцијата и како политиките за истражување можат да промовираат заштита на животната средина.

На Собранието му се обратија европска комесарка за здравје и безбедност на храната Стела Киријакидес и вицепремиерот на Северна Македонија за европски прашања, Никола Димитров. Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, го презентира соопштението од Комитетот на министри, со кое тој во моментов претседава, додека генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, ја одржа својата вообичаена сесија за прашања и одговори со членовите.

Деветтата награда за човекови права „Вацлав Хавел“, која се однесува на работата на граѓанското општество во одбрана на човековите права, ја доби белоруската активистка за човекови права Марија Калешникава. Оваа награда беше доделена на специјална церемонија на денот на отворањето на есенската пленарна сесија.

Собранието дискутираше и за хуманитарните последици од конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан, враќање на социјалната доверба преку зајакнување на социјалните права и зајакнување на борбата против таканаречените злосторства на „честа“, за родовата застапеност во своите редови, како и за насоките за опсегот на парламентарниот имунитет што го уживаат нејзините членови.

Во дискусијата за родова застапеност во редовите на ПС на СЕ, се вклучи и Бисера Костадиновска Стојчевска, која нагласи дека еднаквото учество и водството на жените во политичкиот и јавниот живот се есенцијално важни за постигнување на целите на Одржливиот развој до 2030 година. Иако бројот на жени-кандидати за избрани лица се зголеми во последната декада, рече таа, сепак нивниот број е некаде до 20% од мандатите во парламентите, односно владите. Податоците, продолжи Костадиновска Стојчевска, покажуваат дека жените се уште се недоволно застапени на сите нивоа на донесување на одлуки ширум светот.

Нашите општества се составени од еднаков број мажи и жени. Комбинирање на оваа реалност со политичка застапеност, воспоставувањето парламентарен паритет е легитимна цел, а таму каде што има политичка волја и каде што се дава поттик на највисоко институционално ниво, паритетот може да стане норма, заврши таа, повикувајќи ги членовите на Собранието да го усвојат предложениот извештај на оваа тема.

Своја дискусија во рамките на темата за зајакнување на борбата против т.н. злосторства на “честа“ имаше и Ата Биљали Зендели истакнувајќи дека би било подобро да се зборува за превенција отколку за реакција. Според неа за општата превенција на извршување на криминал, огромна улога има владеењето на правото и системот кој ги идентификува и реагира на правилен начин во самиот почеток, за да би имале помалку смртни случаји кај жените, како резултат на т.н. злосторства на “честа“.

Државите и институциите мораат да спречат, но ако не можат да спречат, тие мора да реагираат бидејќи ничија чест не е поважна од животот на едно лице. Еднаквоста значи да се биде еднаков и слободен. Овој вид злосторства не ги третира луѓето ниту еднакви, ниту слободни. И тоа не е во согласност со глобалните и регионалните декларации за човекови права а уште помалку со природата на човечките суштества, заврши Биљали Зендели.

На последниот ден од Сесијата, обраќање имаше и Никола Димитров, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, кој пред присутните зборуваше општо за Запден Балкан и посебно за односот на ЕУ кон Република Северна Македонија за кој рече дека ако се продолжи вака, ЕУ ризикува да го изгуби влијанието врз регионот. Тој истакна дека пречките што се предизвикани од страна на Бугарија се однесуваат на идентитетот, јазикот и историјата и немаат врска со стандардите на ЕУ. Понатаму, Димитров наведе дека е крајно време ЕУ да покаже дека ќе ги исполни своите ветувања од Солунскиот самит, бидејќи ако регионот ја изгуби ЕУ перспективата, се отвара простор за засилување на одредени радикални и екстремни насоки. По обраќањето, Димитров одговараше на прашања на пратениците. 

Веднаш потоа, Собранието расправаше за Предлог-резолуцијата за Поддршка на европската перспектива за Западен Балкан, предложен од Пјеро Фасино, член на Делегацијата од Италија. Во овој документ се истакнува дека поминале 26 години од Дејтонскиот договор и 18 години од Европскиот совет во Солун, кој ја иницираше агендата за интеграција на Западен Балкан во Европската унија, период кој предизвика фрустрации и разочарување во регионот, и се повикува ЕУ да го забрза процесот на интеграција на Западен Балкан со повторно започнување на преговорите со Србија и Црна Гора, со започнување на преговорите со Албанија и Северна Македонија, со давање на кандидатски статус на Босна и Херцеговина и со либерализација на визниот режим со Косово.

Во текот на Сесијата, нашата делегација оствари средби и со Лисе Кристоферсон и Золт Ченгер-Залан, известувачи за Северна Македонија во Мониторинг комисијата. На средбата, известувачите изразија интерес за општата политичка состојба во нашата земја и за текот на пописот. 

Арта Биљали Зендели зборуваше за подготовките на локалните избори, за почетокот на кампањата и за текот на пописот, при што истакна дека тој се одвива според планираното.
Бисера Костадиновска Стојчевска се осврна на постигнувањата што се реализирани во полето на невработеноста, странските инвестиции, проектите во образованието и др.

Нашата Делегација, оствари средба и со претседателот на Делегацијата, Ахмет Јилдиз, со кој дискутираа за општите состојби во Северна Македонија и односите во регионот, како и за соработката во рамките на меѓународните организации. Исто така, на негова покана, Делегацијата, заедно со Димитров, имаше работен ручек со Рик Даемс, претседател на ПС на СЕ.

На маргините на сесијата, на 30-ти септември, Советот на Европа ја пречека „Малата Амал“, кукла на девет годишно девојче, висока 3,5 метри, кое патува 8000 километри за да ја подигне свеста за состојбата на децата бегалци. 

Click