Активности

Среда, 17 ноември 2021

Универзалните човекови права треба да им се овозможат на сите!

Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Македонија, денеска одржа Тркалезна маса за правно признавање на родот во Северна Македонија како „Дел од тематскиот преглед на Препораката (2010)5 на Комитетот на министри на Советот на Европа до земјите членки за мерките за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет“, а во соработка со Советот на Европа.

Тркалезната маса ја отвори Маја Морачанин, координаторка на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, која изрази големо задоволство и чест што Собранието е организатор на оваа тркалезна маса. Таа во своето обраќање ја претстави Групата, нејзините цели и приоритети. Со тркалезнава маса, според неа, оваа тема се отвора за јавноста и изрази надеж дека оваа дискусија ќе придонесе за јакнење на поддршката за трансродовите лица и заштитата на човековите права. Морачанин ја истакна важноста за усвојување на законските измени, со кои ќе се овозможи правно признавање на родот врз принципот на самоопределување.

Елени Цецеку, претставничката на Советот на Европа, се заблагодари за организацијата на оваа тркалезна маса и ја нагласи важноста за постоењето на правна рамка за признавање на родот, што воедно би значело и спроведување на Препораката. Според неа, ова е вистински момент за дискусија, имајќи предвид дека предложеното законско решение е во собраниска процедура. Таа потсети дека универзалните човекови права треба да им се овозможат на сите, а услов е политичката волја за да се направат промените.

Светлана Цветковска, раководител на Секторот за еднакви можности во МТСП и контакт лице на Европската мрежа на владини претставници за ЛГБТИ прашања (Europian Govermental LGBTI Focal Points Network),  во име на Министерството, потврди дека тие како институција цврсто го застапуваат концептот за еднакви можности и едно општество за сите. Како важни чекори преземени во тој правец, таа ги истакна носењето на новите закони за заштита и спречување од дискриминација и законот за спречување и заштита од насилство врз жената и семејно насилство, кои се рефлектираат врз заштитата на правата на ЛГБТИ луѓето. Исто така, Цветковска истакна дека Република Северна Македонија бележи скок од 33. место во 2020 година на 31. место на Rainbow мапата.

Наташа Бошкова, национална експертка на Советот на Европа изврши презентација на Прелиминарниот извештај за правното признавање на родот во Република Северна Македонија.  Извештајот ги анализира постојните законски и административни мерки што им се достапни на трансродовите луѓе, критериуми што постојат (ограничување на возраста и други), колку постапката е ефикасна и во кои области е достапно правното признавање. Во центарот на овој Извештај, се практичните искуства на трансродовите луѓе. Заснован е на меѓународните стандарди за човековите права во областа на недискриминацијата и почитувањето на правото на приватен и семеен живот. Извештајот делумно обезбедува увид во социополитичкиот контекст на земјата, можностите и предизвиците, со цел подобро да се разберат околностите во кои се спроведува постојната реформа.

Бојана Николин, правничка во Одделот за извршување на пресудите на ЕСЧП спроведувањето на пресудата X против Поранешната Југословенска Република Македонија, истакна дека пресудата ги забрза промените на националното законодавство во земјата. Таа потсети дека обврска на државата е да се преземат навремени мерки за да се изврши корекција. Надзор над спроведување на одлуката врши Комитетот на министри, а му помагаат правници. Овој комитет функционира како форум за конструктивен дијалог.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.