Неформални групи

Среда, 15 јануари 2020

Усвоен Предлог-планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, во соработка со Клубот на пратенички и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, одржа Јавна расправа за Предлог-планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието на Република Северна Македонија 2020 – 2021, на која истиот едногласно беше усвоен.

Јавната расправа ја отвори и со неа претседаваше Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, а свои поздравни обраќања имаа: Ѓулумсер Касапи, претседателка на Клубот на пратенички; Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.

„Собранието е центар на демократијата и негова политичка и морална должност е да иницира и води политички процеси и да носи политики за јакнење на родовата еднаквост, како што е овој План на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието“ – рече Касапи.

Амбасадорот Која изрази чест што е дел од настанот на кој се усвојува еден клучен водечки документ на Собранието во нашата земја, која е петта по ред по застапеност на парламентарки во Европа.

Генерална секретарка Иванова го окарактеризира овој ден како историски, затоа што го одредува патот по кој треба да се движи работата на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на Клубот на пратенички и на Движењата за женските права. Таа нагласи дека за реализацијаа на овој План е потребна политичка волја, поддршка од меѓународните организации и техничка поддршка од собраниската служба. За да се стигне до родово сензитивен Парламент, потребни се родова еднаквост, родово сензитивно законодавство и акти.

Од своја страна, на крајот од мандатот, Рангелова упати апел жените да бидат родово сензитивни и да се борат за своите права, порачувајќи да не се заборава влогот и придонесот на поранешните парламентарки. 

Презентација на Предлог-планот даде Саша Гавриќ од Kанцеларијата за демократско управување на ОБСЕ во Скопје. Врз основа на самопроценката, минатото лето, е подготвен Извештај, што значеше вистинско отворање на очите во Парламентот. Врз основа на тоа, овој План ќе ги стави на хартија активностите кои треба да се сработат, срочени во пет приоритетни области. Во него се акцентира потребата од родово сензитивни процеси на вработување; препораки за промена во Деловникот, Законот и Етичкиот кодекс на Собранието, кои сега не се доволно родово сензитивни; воведување на задолжителна пленарна седница посветена на родовата сензитивност; нов родово сензитивно развиен Стратешки план; советник за родова еднаквост во Секторот на генералниот секретар; календар со значајни денови за правата на жените; формирање мониторинг работна група за итна имплементација на Планот, итн.

Во дискусијата имаа можност да се вклучат засегнати страни од македонското општество, при што беше дадена поддршка за усвојување на овој План. Беше укажана неопходноста од родови квоти 50/50 на листите за советници и пратеници, дури и да не биде донесен Законот. Исто така, беше предложено овој План да не биде само на Комисијата, туку да стане формална рамка на Собранието.

По едногласното усвојување на Предлог-планот на активности за унапредување на родовата сензитивност на Собранието, генералната секретарка на Собранието, од името на сите поранешни пратенички кои дале свој придонес на ова поле, заклучи: „Ние стануваме минато, но ќе се овековечиме ако направиме промена. Вие денеска направивте промена!“.

Click