Активности на Парламентарен институт

19 март 2018 година

ЕДНОДНЕВЕН СЕМИНАР НА ТЕМА: ПАРЛАМЕНТОТ (СОБРАНИЕТО) КАКО ОСНОВНА ИНСТИТУЦИЈА НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО ПРАВО

На 19 март 2018 година во Едукативниот центар на Парламентарниот институт се одржа едукативен семинар на кој присуствуваа 28 студенти запишани на правни и политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ од Скопје.

На еднодневниот семинар студентите беа запознати со постапките по кои се одвива парламентарниот живот и дејноста на пратениците во Собранието на Република Македонија.

На семинарот беа опфатени дел од темите кои се изучуваат во склоп на предметот парламентарно право, како што се: составот, структурата и внатрешната организација на Собранието; правната положба и улогата на пратениците; основните надлежности на Собранието со посебен акцент на постапката за донесување на законите; парламентарната демократија и нејзиниот историски развој во Македонија.

На крајот студентите имаа можност низ организирана обиколка да го разгледаат свечениот дел на зградата на Собранието, како важно обележје на македонската државност.

Click