Комитетот за односи меѓу заедниците

Правната  поставеност на Комитетот за односи меѓу заедниците и  неговите надлежности произлегуваат од Уставот на Република Македонија поточно Амандманот XII и Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците, донесен 2007 година.

Според овој закон, Комитетот го избира Собранието на Република Македонија, а го сочинуваат 19 члена од кои по седум члена од редот на пратениците  Македонци, седум члена од редот на пратениците Албанци, еден член од редот пратениците Турци, еден член од редот пратениците Власи, еден член од редот пратениците Роми, еден член од редот пратениците Срби и еден член од редот пратениците Бошњаци. Ако  некоја од заедниците нама избрани пратеници во Собранието,  народниот правобранител ќе направи  консултации со релевантните претставници на тие заедници и по добиеното мислење, на Собранието ќе ги предложи другите членови на Комитетот од соодветната заедница.

Една од основните задачи на Комитетот е да разгледува прашања од односите меѓу заедниците во Република Македонија и да дава предлози и мислења за нивно решавање.

Собранието е должно да ги разгледува мислењата и предлозите на Комитетот и да одлучува по нив.

Кога се зборува за Комитетот и неговите надлежности и обврски (повеќе за ова види во Законот за комитетот за односи  меѓу заедниците кој што е приложен), мора да се спомене и Амандманот X од Уставот на Република Македонија со кој се заменува членот 69 од Уставот на Република Македонија, со кој се регулира постапката за гласање, односно е воведено таканареченото „Бадентерово правило“ за донесување на закони кои директно ги засегаат правата на националните заедници. Во споменатиот закон многу јасно и таксативно се наведени законите за кои Собранието одлучува со двотретинско мнозиство на гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозиство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозиство во Република Македонија.

Комитетот за односи меѓу заедниците во досегашното работење покажа и потврди дека има голема улога, но и одговорност во остварувањата на општите и посебните права на националните заедници, односно на припадниците на националните заедници. Со ова Комитетот дава придонес во развојот на мултикултурната и мултиетничката димензија на македонското општество за  вистински соживот на сите граѓани, а со тоа и јакнење на парламентарната демократија во Република Македонија.

За членови на Комитетот за односи меѓу заедниците се избираат:

- oд рeдот на пратениците Македонци: 1. Антонијо Милошоски
2. Благоја Деспотоски - заменик на претседателот
3. Зоран Ѓорѓиевски
4. Нола Исмајлоска Старова
5. Сашо Аќимоски
6. Стојко Пауновски
7. Благоја Стојановски
 - од редот на пратениците Албанци: 1. Ејуп Рустеми - претседател
2. Ермира Мехмети
3. Џеват Адеми
4. Рафис Аљити
5. Талат Џафери
6. Беким Фазлиу
7. Орхан Ибраими
- од редот на пратениците Турци: Кенан Хасипи
- од редот на пратениците Власи: м-р Мите Костов
- од редот на пратениците Роми: Амди Бајрам
- од редот на пратениците Срби: Иван Стоилковиќ
- од редот на пратениците Бошњаци: Авдија Пепиќ
Click