Совети

Понеделник, 14 мај 2012 година

Данска силен поддржувач на процесот на проширување

Претседавачите на Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- РМ и Пратеничката група за соработка со Парламентот на Кралството Данска во Собранието на Република Македонија денеска остварија заедничка средба со г. Николаи Вамен, министер за европски прашања на Кралството Данска.

На средбата присуствуваа: г. Хајрула Мисини, претседател на Комисијата за европски прашања, г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Националниот совет за евроинтеграции, Мерал Узеири-Ферати, претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Кралството Данска, г. Антонио Милошоски, претседател на Комисија за надворешна политика и г. Кенан Хасипи, претседател на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- РМ.

Во своето воведно обраќање, претседателот Мисини посочи дека на оваа средба гледа како можност за размена на мислења и искуства за ЕУ интегративните процеси, особено во моментот кога Данска е актуелен претседавач со ЕУ и силен поддржувач на процесот на проширување.

Министерот за европски прашања на Кралството Данска, г. Николаи Вамен, изрази задоволство од досега спроведените реформи, но и целокупната волја од македонска страна да се стори сè за да се имплементираат насоките во наредните месеци.

Дијалогот на високо ниво и насоките се особено важни, не се замена за преговорите, но се исчекор напред, Данска и понатаму останува посветена на проширувањето со надеж дека Македонија ќе стане членка на ЕУ што поскоро - истакна министерот Вамен.

Присутните едногласно изразија благодарност за несебичната поддршка што Данска ѝ ја дава на Македонија на патот кон ЕУ и испратија јасна порака дека Република Македонија останува целосно посветена на исполнување на реформите и остварување на европската агенда, не само за ЕУ, туку пред сè за нас самите.
Click