Усогласување на законодавството

Хармонизацијата на законодавството на Република Македонија со правото на ЕУ претставува  приближување на решенијата на националното законодавство кон правото на ЕУ. Во рамките на ЕУ хармонизацијата, но и унификацијата на правото треба да овозможи остварување на единствен простор на слобода, безбедност и правда, како и единствен пазар во кој непречено се остваруваат економските и другите функции на Унијата.

Обврската за хармонизација на законодавството на РМ со правото на ЕУ е вградена во членот 68 од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Со донесувањето на новиот Деловник на Собранието на Република Македонија во јули 2008 година, во членот 135 е предвидено дека содржината на секој предлог закон со кој се врши усогласување треба да содржи и податоци за изворниот акти на Европската унија со полн назив, број и датум како и Изјава за усогласеност. Исто така овие предлог закони во моментот кога ќе влезат во собраниска процедура се означуваат со знамето на Европската унија, како знак што ги прави да се разликуваат од останатите.

Заради успешност на процесот на хармонизација на законодавството на РМ со европското право, заради конзистенстност, координација и јасна слика и мониторинг на процесот на приближување на законодавството во 2000 година изготвена е Методологија и структура за хармонизација на националното законодавство со она на ЕУ.

Според Методологијата, процесот на хармонизација е поделен во четири фази:

1. Подготвителна фаза - воспоставување на сите потребни институции за спроведување на процесот, како и активности од технички карактер како на пример дистрибуција и презентација на европските правни акти во конкретните области и презентација на начелата за хармонизација воопшто.

2. Аналитичка фаза - превод на потребните европски правни акти на македонски јазик и нивно инкорпорирање во Програмата за приближување на националното законодавство кон европското законодавство во согласност со претходно дефинираните приоритети;

3. Фаза на транспонирање - оперативна елаборација на новото законодавство во согласност со однапред дефиниран план. Во оваа фаза се довива вистинското приближување на македонското законодавство со она на ЕУ. Имено, ова е фазата каде националните експерти и експертите од ЕУ мораат да ги подготват новите нацрт закони или предложените измени и надополнувања на постојните закони или подзаконски акти, со цел да се постигне компатибилност помеѓу правниот поредок во Република Македонија и законодавството на ЕУ и конечно

4. Фаза на имплементација - не само усвојување на новите закони во Собранието или измени и дополнувања на постојните, туку исто таак и нивна соодветна имплементација во пракса и управување со ефектот што тие го имаат врз постојната институционална инфраструктура.


 

 
Процесот на усогласување се однесува на целото acquis communitaire кое во себе опфаќа многу повеќе од правни прописи. Усогласувањето се однесува на следните поглавја:

 

1. Слободно движење на стоките;
2. Слободно движење на работниците;
3. Право на основање и слобода на давање услуги;
4. Слободно движење на капитал;
5. Јавни набавки;
6. Право на трговски друштва;

7. Право на интелектуална сопственост;

8. Политика на конкуренција;
9. Финансиски услуги;
10. Информатичко општество и медиуми;
11. Земјоделство и рурален развој;
12. Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика;
13. Рибарство;
14. Транспортна политика;
15. Енергетика;
16. Оданочување;
17. Економска и монетарна политика;
18. Статистика;
19. Социјална политика и вработување;
20. Претпријатија и индустриска политика;
21. Транс-европски мрежи;
22. Регионална политика и координација на структурните инструменти;
23. Правосудство и фундаментални права;
24. Правда, слобода и безбедност;
25. Наука и истражување;
26. Образование и култура;
27. Животна средина;
28. Заштита на потрошувачите и здравствена заштита;
29. Царинска унија;
30. Надворешни односи;
31. Надворешна безбедносна и одбранбена политика;
32. Финансиска контрола;
33. Финансиски и буџетски одредби 
34. Институции и
35. Oстанати прашања

 

До донесувањето на Устав на Европската унија кој би требало да го обедини и унифицира целиот правен систем, законодавството на Европската унија се состои од примарно и секундарно законодавство како и од останати извори на Европската унија.

Примарното законодавство се заснова на сите Договори за основање на Заедницата со нивните прилози и протоколи и дополнителни измени и дополнувања на истите (вклучувајќи ги и последователните Спогодби за пристапување). Тие ги содржат основните одредби за целите на ЕУ, нејзината организација и функционирање, како и најголемиот дел од нејзиното стопанско право.

Секундарното законодавство се однесува на правните акти кои исто така се сметаат за извори на правото на заедницата. Тоа се Директивите, Регулативите, Одлуките и Препораките и Мислењата.

- Директивите немаат за цел да ги унифицираат законите на државите членки, туку да ги хармонизираат, така што разноликоста на национални институции и правни структури може да продолжи, на сметка на гаранцијата дека насекаде во заеницата ќе постојат подеднакви материјални услови.  Директивите се обврзувачки за државите членки во однос на резултатот што треба да се постигне, но на националните власти им оставаат слободно да ја изберат формата и методите на легислативата, преку која ќе се постигнат посакуваните ефекти во рамките на предвидениот временски период.

- Регулативите се инструменти за унификација на правниот поредок во рамките на ЕУ и претставуваат правни акти кои се применуваат насекаде во заедницата. Тие се обврзувачки во целост за сите правни лица и ентитети, без никаква потреба за активност на националните власти. Тие имаат право на било кој начин да избираат, толкуваат или да прават било какви исклучоци во однос на регулативата. Уште повеќе, доколку постои конфликт со некоја национална одредба, судовите во таа земја во таков случај се должни едноставно да го игнорираат националното законодавство и целосно да ја применат регулативата.

- Одлуките се целосно обврзувачки за оној до кого се адресирани. Со ниц ЕУ може да побара од една држава членка, па и од било кој правен субјект да изврши или да се воздржи од одреден вид активност, или може да им одобрат конкретни права или пак да им наметнат одредени обврски.

- Препораките и мислењата се необврзувачки правни акти преку кои институциите на Заедницата можат да го изразат својот став пред државите членки или поединци, но со нив не се наметнува никава обврска или осдговорност за оној до кого се упатени.

Click