Собраниско раководство



 

Петок,27.02.2009,Париз

Обраќање на претседателот на Собрание на Република Македонија Трајко Вељаноски на конференција на претседателите на парламентите на држави членки на Европска унија во Париз
 
 

Почитуван претседавач, екселенции, дами и господа

Навистина е привилегија, но и одговорност овде во татковината на основачите на Здружена Европа, Роберт Шуман и Жан Моне да се зборува на зададената тема: ,,Европа и менаџирање на кризи. Вклученост на националните парламенти,,. Ова го велам од причина што проектот на основачите на Здружена Европа, денешната Европска унија е одговор на еден од најстрашните конфликти во историјата на Европа, односно на човековата цивилизација.

 
Дами и господа,

На почетокот на ова столетие Република Македонија се соочи со една од најголемите кризи во нашата понова историја. Конфликт кој се темелеше врз етнички прашања, кој со помош на меѓународната зaедница, но и историската детерминираност на граѓаните на Република Македонија за соживот и толеранција до другиот и различниот, го решивме со Рамковниот договор. И токму од потпишувањето на овој договор започнува улогата и одговорноста на Собранието на Република Македонија за негова уставноправна имплементација и спроведување во пракса. Верувајте тој процес не беше лесен и сеуште трае, но денеска Рамковниот договор е успешен функционален модел за една мултиетничка, мултикултурна, мултиконфесионална, а пред се демократска држава каква што е Република Македонија. Принципите на овој договор денеска се наше секојдневие, но и детерминираност за идните генерации, а верувам дека е и функционален модел од кого треба да учат многу држави кога станува збор за соживот и меѓуетничката демократија.

Собранието на Република Македонија денеска е своевидна рефлексија на македонската национална хетерогеност каде што се остварува правото на користење на мајчиниот јазик, каде што се оствaрува обврската за правична застапеност на припадниците на етничките заедници во јавната администрација и така натаму. А сакам да истакнам, таа позитивна рефлексија може да ја почувствувате на сите нивоа и во сите сфери, од образованието на мајчин јазик до националните симболи.

Во македонскиот Парламент, како негово постојано тело, делува Комитетот за односи меѓу заедниците кој бдее врз остварувањето на меѓуетничкиот соживот, демократијата, правдата. Токму оствaрувањето на Рамковниот договор на сите нивоа, од Парламентот до локалната самоуправа е добар модел и за јакнење на она што го викаме политички дијалог. Вредност која можеби полека но сигурно ја усвојуваме и стануваме свесни но и одговорни дека без тоа неможеме да ја развиваме демократијата кај нас.

 
Дами и господа,

Европската унија со своите вредности, стандарди и поставеност, а тука би ја додал и НАТО Алијансата се вториот најсилен фактор, кој покрај Рамковниот договор ја јакне хомогеноста во македонското хетерогено општество. Свесни сме дека мораме да си ги завршиме своите задачи за да станеме членка на Европската Унија. И токму тука улогата и одговорноста на македонскиот Парламент се потврдува секојдневно и транспарентно, како пред домашната јавност но и пред меѓународната заедница. Уште повеќе таа одговорност ја чувствуваме имајќи во предвид дека нашиот регион сеуште е фрагилен. Затоа и посебно внимание како Парламент посветуваме на регионалната соработка.

 Почитувани пријатели,

Здружена Европа неможе да се изгради одеднаш, таа ќе се гради преку конкретни оствaрувања, креирајќи пред се солидарност поткрепена со факти, мисла која големиот европеец Шуман ја запиша уште во далечната 1950 година. Ние граѓаните на Република Македонија сега очекуваме укинување на визниот режим бидејќи на ова поле имаме конкретни остварувања според европските стандарди. Затоа би сакал на крајот да потсетам на уште еден голем европеец и наш пријател, еврокомесарот господин Оли Рен кој пишува: ,,Границите кои се рестриктивни ги стеснуваат нашите умови, ги ограничуваат нашите акции и го намалуваат нашето влијание. Границите кои се шират ги ослободуваат нашите умови, стимулираат на акција и го зголемуваат нашето влијание.„

 
Република Македонија и македонските граѓани денеска тоа го заслужуваат, пред се врз фактите и завршените обврски
 

Ви благодарам на вниманието 

Click