ЗАКОНОДАВНА ПОСТАПКА

     Собранието на Република Северна Македонија е носител на законодавната власт во Републиката. Собранието ги донесува  законите на седници, а потребното мнозинство за донесувањето на законите е утврдено со Уставот на Република Северна Македонија.

     Право да предлага донесување на закон има секој пратеник, Владата на Република Северна Македонија и најмалку 10.000 избирачи (овластени предлагачи).

     Иницијатива  за  донесување  закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија.

     Постапката за донесување на законите е уредена со Деловникот на Собранието. Согласно,  Деловникот  предлог законот овластените предлагачи го поднесуваат  до претседателот на Собранието кој веднаш, а најдоцна  во рок од три работни дена од поднесувањето го доставува до пратениците, во писмена или електронска форма, со што започнува законодавната постапка.

     Согласно Деловникот законодавната постапка се одвива во три читања.

     Прво читање започнува со разгледување на предлог на закон во работните тела,при што Собранието, матичното работно тело и Законодавно-правната комисија во првото читање одржуваат општ претрес по предлогот на законот. Пред предлогот на закон да се претресе на седницата на Собранието, го разгледува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија . Комисиите оценуваат дали Предлогот е прифатлив и дали треба да се даде на натамошно читање. Во првото читање, по одржаната општа расправа Собранието одлучува дали Предлог законот е прифатли и може да се даде на натамошно читање.

     Ако Собранието одлучи дека предлогот на законот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање се продолжува со законодавната постапка, во Второ читање на предлогот.


     Второто читање започнува во матичното работно тело и Законодавно-правната комисија и се врши во рок од седум работни дена по одржаната  седница на Собранието за Прво читање по предлогот . Во ова читање на Предлогот се поднесуваат амандмани.  Амандман може да поднесе секој пратеник, пратеничка група и работно тело.  Амандманите се поднесуваат до претседателот на Собранието, најдоцна два дена пред одржување на седниците на матичното работно тело или на Законодавно-правната комисија. Матичното работно тело и Законодавно-правната комисија за секој амандман водат претрес и гласаат одделно. Матичното работно тело и Законодавно- правната комисија по завршувањето на претресот најдоцна во рок од пет дена подготвуваат текст на предлогот на законот во кој се вградуваат усвоените амандмани  (дополнет предлог) и образложение и го доставуваат до претседателот на Собранието.


     На Второто читање на седница на Собрание се води претрес само по оние членови што се изменети со амандмани и само на тие членови може да се поднесат амандмани. Амандман може да поднесе пратеничка група, секој пратеник и предлагачот, најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието. Ако на второто читање на седницата на Собранието се усвоени амандмани на помалку од една третина од членовите на изменетиот предлог на закон, Собранието може да одлучи третото читање на предлогот на законот да се одржи на истата седница. Ако Собранието во второто читање не усвои ниеден амандман на дополнетиот предлог на закон се преминува на гласање по предлогот на истата седица. Ако се усвоени амандмани на повеќе од една третина од членовите на дополнетиот предлог на закон, по завршеното второ читање се подготвува и правно-технички се уредува текстот на законот за трето читање.

     Третото читање по правило се одржува на првата наредна седница по второто читање. Амандмани може да се поднесат само на членовите на кои биле усвоени амандмани во текот на Второто читање на седница на Собранието, а амандман може да поднесе предлагачот и пратеник најдоцна во рок од два дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието. Во оваа фаза работните тела не расправаат.  Собранието расправа и одлучува само по оние членови за кои се поднесени амандамани на дополнетиот предлог на закон за трето читање и одлучува за предлог законот во целина.

     По исклучок законот може да биде донесен и по итна постапка.

     По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби.
 
     Ако Собранието одлучи да расправа по предлогот, законот да се донесе по итна постапка, ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот. За оправданоста на предлогот, законот да се донесе по итна постапка, одлучува Собранието без претрес. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај започнува  постапката утврдена за второ читање, а амандмани може да се поднесуваат до завршувањето на претресот.

     Законот може да биде донесен и по скратена постапка.

     Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.

     Собранието одлучува дали  предлогот на законот да се донесе по скратена постапка. Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот.  Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка Собранието одржува општ претрес . Второто и третото читање се одржуваат на иста седница, при што веднаш започнува постапката утврдена за второ читање, а амандмани може да се поднесуваат до почетокот на седницата за второ читање.

  Законите се прогласуваат со указ, кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот.

     Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување  на законот. Во тој случај, Собранието повторно го разгледува законот  во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и за прогласување на законите кои се донесени со двотретинско мнозинство.

     Пред да влезат во сила законите се објавуваат  во “Службен весник на Република Северна Македонија”. Законите се објавуваат  најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Click